За сè можеме да правиме компромис и да разговараме, но за непочитување на Уставот и законите нема компромиси, истакна денеска премиерот Оливер Спасовски, кој рече дека веќе презел чекори во однос на постапката на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи во врска со таблата во Министерството со кое таа раководи – доставил предлог до Собранието за нејзинот разрешување.
– Одговорноста треба да ја имаме пред граѓаните, државата, нејзината иднина. Ако некој смета дека ситнопартиските, тесни, политички интереси се поважни од Македонија и иднината на оваа држава се лаже многу. Јас како претседател на Владата и оваа Влада нема да дозволиме никој да си поигрува со судбината на државата и на граѓаните – рече Спасовски и нагласи дека предлогот е веќе доставен, бидејќи, како што рече, никој не смее да си поигрува со Уставот и законите.
– Премиерот и Владата имаат обврска да обезбедат заштита на Уставот на Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека министерката Мизрахи свесно и намерно го крши Уставот и со тоа ја загрозува евроатланската иднина на земјата, премиерот до Собранието достави предлог за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика, Мизрахи – потврдија претходно од Владата за МИА.
Барањето за разрешување следува откако министерката Мизрахи неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“. Ставот на Мизрахи е дека таа табла ја затекнала во Министерството кога ја презела функцијата, и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес-конференции.
Според Уставот за предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница.