Ракометната еуфорија која деновиве ја зафати Битола во очекување на натпреварот „Еурофарм Пелистер“ и „Нексе“ од Нашице имаше своја „епизода“ и на битолските улици. На општо изненадување на битолчани, вчера во Битола од страна на РСБСП, МВР и Црвениот крст-Битола а со поддршка на РК „Еурофарм Пелистер“, беше организирана превентивно едукативна акција во рамките на кампањата „Стави појас“.
Спортскиот директор на РК „Еурофарм Пелистер“, Димитар Митревски и македонските репрезентативци Никола Митревски и Гоце Ојлески, претседателот на РСБСП Гордана Кожуваровска, Саше Гилевски-началник на сектор за превенција на СВР Битола и претставници на општинската организација на Црвениот кКрст од Битола, вчера на улиците во Битола делеа освежувачи за автомобили и друг едукативен материјал со совети и пораки за тој кој, кога и зошто треба да користи сигурносен појас во возилото.
Возачите и патниците кои ги почитуваа прописите и правилата во сообраќајот и кои веќе го имаа ставено појасот беа изненадени и станаа добитници на билети за натпреварот „Еурофарм Пелистер“ и „Нексе“, а некои од посреќните добија и понекој дрес или маица од македонските репрезентативци и од претставниците на клубот.
Акцијата „Стави појас“ продолжува и вечерва, за време на натпреварот. Сите посетители на денешниот натпревар помеѓу „Еурофарм Пелистер“ и „Нексе“ ќе добијат едукативен материјал и освежувач за автомобил брендиран со боите на клубот и сигурносен појас.
„Стави појас“ – за твоја безбедност! – е пораката која вчера беше испратена до возачите и патниците во Битола.