Извозната активност е сложен и скап процес. Поединечните компании во преработувачката индустрија кои имаат поединечно извоз од еден, два, три милиони евра немаат економска исплатливост да создаваат маркетинг капацитети кои ќе ги отвораат вратите на нови пазари. За таа цел, ако сакаме да постигнеме извозна диверзификација која ќе обезбеди и поголем девизен прилив, зголемување на додадената вредност на македонските производи, една од мерките е креирање на промотори на македонскиот извоз посебно во делот на прехранбената индустрија. Науката за истражување на пазарот е толку софистицирана, што постојат конкретни податоци со добра анализа да се најдат потенцијалните пазари на ниво на поединечен производ во рамки на прехранбената индустрија за кои Македонија има можност да извезува.
Недостасуваат голем број квалитетни студии, кои се тие кадровски капацитети, производни капацитети, технологија, и сл. за да почне да се извезува и да се специјализираме за конкретни производи. Има голем извоз на јаболко, праска, од Македонија, а на светските пазари има потреба од производство на храна за бебиња и деца, кашички од праска, јаболко. Во изминативе 30 години ја девастиравме преработувачката индустрија. Сите досегашни влади малку посветуваа внимание на ова, на пример, во Словенија, од 90-те години наваму се преструктуира од примарно земјоделие кон преработувачка и прехранбена индустрија.
Во Стопанската комора на Македонија правевме анализа која беше од аспект на понуда, т.е. што е тоа што ќе може да произведуваме во наредниот период врз база на потенцијални компаративни предности. Од друга страна треба да се анализира и побарувачката. Кои се тие производи кои светот ги увезува, кои производи ние можеме да ги извезуваме? За таа цел, потребни се цел сет мерки за извозна поддршка на овие компании од прехранбената индустрија (институционални, инфраструктурни, логистички, финансиски) кои може да бидат корисни во насока на зголемување на извозот на прехранбени производи и цела логистика за градење на македонскиот извоз.
Мое лично мислење во делот на креирање политики е дека деиндустриjaлизацијата која се случува изминативе 28 години и сите креатори на економските политики беа фокусирани на страна на побарувачката како преку брзи мерки да дојдат до некој краткорочен ефект во економијата. По овие прашања сме на ставот приоритет да биде преработувачката индустрија, т.е. добра инфраструктура, градење на иновациски капацитети и конкретно кон одредена индустрија или компании. На Македонија повеќе од потребно ѝ е поголем девизен прилив.
(Став на професор д-р Дарко Лазаров, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип)
Извор: Стопанска комора на Македонија