Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на прес-конференција осврнувајќи се на случајот „Рекет“ порача дека секој кој се огрешил пред законот ќе одговара. Посочи дека вибер пораките меѓу него и Боки 13, кои биле презентирани на рочиштето за овој случај како доказни материјали, докажуваат дека тој постапил и го пријавил случајот.
– Тие пораки се доказ за тоа каков човек сте и велите дека не ме интересира. Без разлика дали некој имал провладин медиум, дали ме величал мене или ги поддржувал моите политики, ако се огрешил пред законот има да одговара, за разлика од минатото кога зборувавме за милијарди, а никој не слушна дека поранешниот премиер пријавил некој случај. Премиерот треба да биде пример како треба да постапува правната држава – рече Заев.
Вакви случи, истакна тој, сите ние интегрирани во интернет сферата,сајберот, знаеме дека се случуваат и во многу демократски развиени држави, но, додаде, прашање е што прави државата кога ќе се случуваат вакви случаи.
– Еве што направивме ние. На пример, како се гони, имаме една пресуда падната и сите знаеме дека ќе паднат и други пресуди. Тоа е разликата, дали сме европска земја или остануваме назад во минатото, од кое минато сите сакаме да избегаме – рече Заев.