Осуденици од странски држави штрајкуваат со глад во Куманово

162
Трисетина осуденици, странски државјани кои пред неколку дена се префрлени од затворот Идризово во затворот Куманово од вчера попладне штрајкуваат со глад, потврдија денеска надлежните од Казнено-поправната установа Куманово. Осудениците од повеќе држави, Албанија, Косово, Србија, Пакистан, Судан, Венецуела, Чешка, Германија денеска се сретнале до директорот на установата од кого побарале подобри услови за престој.
– Остваривме средба на која тие побараа поголемо шеталиште, слободно движење, непосреден контакт со други осуденици. Ние не можеме да одговориме на овие барања, бидејќи го почитуваме куќниот ред на установата кој е утврден со Закон – изјави директорот на затвор Куманово, Марјан Спасовски.
За штрајкот на осудениците, додава Спасовски, информирани се сите надлежни институции во државата  и амбасади на државите од кои потекнуваат осудениците.
– Не се знае дали затворениците ќе го прекинат или ќе продолжат со штрајкот. Дел од нив примија храна – додава Спасовски.
Затворот Куманово, сместен во село Кшање беше изграден пред шест години, зафаќа површина од околу 5.000 метри квадратни, има капацитет за 250 затвореници, располага со солидни услови за престој.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...