Фотографија снимена во стан во Скопје на која се гледа снопче со пари, од по 500 евра, а вкупно биле 50.000 евра, на маса спроти која седи обвинетата Катица Јанева, денеска беше прикажана како доказен материјал при вештачењето од телефонот на Боки.
Обвинителката Ивана Трајчева покажа и други фотографии од Јанева снимени во истиот стан во Скопје, а и снимка на која се гледа снопчето со пари.
„Како ќе одлучат, така ќе планираме – вели Јанева на снимката.
Фотографијата од Јанева со снопчето евра е направена на 4. февруари 2019. Обвинителката прикажа и фотографии од 23. јануари 2019, од 22. февруари 2019 година, од 14. 12. 2018 година, од 8. 12. 2018 година.
Беше прикажана и фотографија од канцеларијата на Јанева во СЈО на која се гледа како во рацете држи документ од обвинителството, а и една фотографија од ресторанот „Ден и ноќ“ каде што држи плик и го става во чанта.