Комисиската расправа за Законот за Јавно обвинителство започна со барање на опозицијата да се отстрани точката од дневен ред, оти, како што порачаа оттаму, текстот на законот бил донесен со кршење на процедурите.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, уште еднаш повтори дека овој текст пристигнал во парламентот без претходно да биде договорен на владина седнива.
– Овој текст на законот не е ист со првичниот кој беше договорен на владината седница. Не може предлагачот да менува запирки и точки по своја волја, но увидовме дека не се само запирки, туку сосема нов текст со изменети членови на текстот. Освен тоа, без да има владина седница, претседателот на Владата одлучува да го повлече и да достави нов текст – обвини Димовски.
Министерката за правда, Рената Дескоска, ги отфрли наводите дека се прекршени процедурите.
– Станува збор за најобичен технички пропуст. Во парламентот пристигна текстот на неусогласениот закон, ние видовме дека тоа не е истиот текст и побаравме да се отстрани грешката. Текстот мораше да се повлече и да се достави договорената верзија со забелешките на пратеничките групи – истакна Дескоска.
За Законот за Јавно обвинителство досега има поднесено два амандмана – еден поднесе независниот пратеник Панчо Минов, а еден – Сурија Рушиди од Алијанса на Албанците.
Комиската расправа според процедурите ќе трае два дена по што текстот по скратена постапка треба биде усвоен со мнозинство од 80 пратеници. Седницата за ЈО е прекината поради церемонијата за ратификување на протоколот за НАТО и ќе продолжи утре.