Завршува карантинот за тројцата Македонци, ама не се знае како ќе се вратат дома

Тие по свое убедување и во сопствен аранжман, можат и самостојно да се вратат во земјата, почитувајќи ги прописите од надлежните органи на секоја држава на транзитирање - појаснуваат надлежните за Плусинфо.

1146

Карантинот на македонската државјанка која се наоѓа во Франција завршува на 16 февруари, а на двајцата македонски граѓани на крузерот во Јапонија на 19 февруари годинава. Еден од тројцата наши државјани кои се наоѓаат на крузерот, како што вчера објавивме, заболел од коронавирусот, а инфекцијата кај него, за среќа, е во полесна форма.

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија продолжува со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање. Во тој контекст, посебно внимание се посветува на државјаните кои престојуваат во загрозените подрачја – посебно во градот Вухан и поширокото подрачје. Исто така, Министерството, преку Амбасадата во Пекинг, е во редовен контакт и со нашите сонародници во другите градови и региони во НР Кина, изјавија за Плусинфо од МНР.

Во врска со тоа дали ќе има организирана евакуација на нашите граѓани од загрозените подрачја каде има заболени од смртоносниот коронавирус, од Министерството укажуваат:

– Во моментов не се организираат целосни евакуации на странски државјани од Пекинг и од другите делови на Кина. Во случај на нивно организирање, Амбасадата на Република Северна Македонија навремено ќе ги информира нашите државјани кои се наоѓаат на територијата на Народна Република Кина и ќе ги извести за потребната процедура. Тие по свое убедување и во сопствен аранжман, можат и самостојно да се вратат во земјата, почитувајќи ги прописите од надлежните органи на секоја држава на транзитирање – појаснуваат надлежните и додаваат дека карантинот на македонската државјанка која се наоѓа во Франција завршува на 16 февруари 2020 година, а на македонските граѓани на крузерот во Јапонија на 19 февруари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...