Вештачењето на мојот телефонот е селективно, во име на вистината барам да ми биде доставена целосната комуникација со Зоран Милевски Кичеец која е клучна во судскиот процес, а јас ја немам во доказниот материјал, побара денеска Бојан Јовановски.
Тој ја извести судијката дека оваа забелешка ѝ ја кажал на Русковска, но дека таа му рекла дека таа комуникација не била од интерес на обвинителството. Јовановски обвини дека обвинителката чита сензационалистички пораки, а не од комуникацијата со Кичеец која е многу важна за да се дознае вистината.
Неговата забелешка се однесува на комуникација во која биле разменувани фотографии од скапи часовници, мебел итн. Беше прочитана порака во која Боки го известува Кичеец “кај Орце сум, на што Кичеец му враќа – па што ако си“.
Беше прочитана и порака за излегувањето на Сашо Мијалков од притвор испратена од Кичеец до Боки. „Сашо за еден час ќе излезе од Шутка“, напишал Милевски.
И бранителот на Боки, Сашо Дуковски, приговараше што обвинителството не ги средило пораките што ги чита како доказен материјал и дека освен небитни пораки се чита материјал на друг јазик (српски) и затоа побара обвинителката да си го среди доказниот материјал, а не да ги пренесува како што им ги доставиле од МВР.