„Медени“ хоризонти

Иако таа, културата, враќа многу во оваа држава, многу повеќе од другите државници миленичиња, враќа дури и често невидливи за пошироката јавност одгласи, шири позитивни бранови низ светот и прима возвратни симпатии за коишто државава дури и не е свесна.

709

Се разбира дека и овие денови, како впрочем и претходните, уште ќе ја спомнуваме „Медена земја“ (без оглед на исходот на приказната со „Оскарите“, секако) заради многу нешта, а можеби најмногу заради фактот што, како што многумина кажаа, времето во македонскиот филм и македонската култура ќе ги мериме како „пред“ и „по“ овој двократен наш кандидат за најпрестижната филмска награда во светот.

А всушност, ќе имаме за споредба и многу други аспекти, ако сакаме да ги користиме, нормално, а би требало, поучни се. Еден од нив е токму темата за којашто подолго време пишувам: државата/власта и културата! Па во тој контекст, и особено дрското присвојување на државата (и) на овој фантастичен успех на филмот небаре таа којзнае што направи за неговата реализиција.

Така впрочем беше и со „Пред дождот“ (го ставаа филмот дури и во промотивни политички кампањи!), така е и сега – државата експресно се организира како да го искористи овој успех, на кој начин да им „возврати“ на филмаџиите од „Медена земја“ (и тука главно со глупави предлози и уште поглупави „образложенија“!), кој да се нацрта во Холивуд на доделувањето на наградите итн. Кај нас тоа секогаш така се случува! Можеби сега државата, власта (која и да е), ќе разбере дека на културата во ваква мала земја не ѝ треба аплауз (и пари) апостериори, дека на културата/уметноста ѝ треба соодветна финансиска и секаква друга поддршка пред и во фазата на создавањето на културниот/уметничкиот производ. Но, врз основа на сосема поинаков параметри, однос и поставеност во одлучувањето. Ако тоа ни сега не го разбереме, нема да го разбереме никогаш.

Од друга страна, можеби овие денови некој треба да ги искористи и за темелно преиспитување на државните приоритети и безрезервни поддршки во многу други области, ставајќи ја (со причина, па нека е и „медена“) овојпат културата во прв план. И повторно: не велам дека државата/власта не ја помага културата/уметноста. Но таа помош е, прво, селективна и често дискриминаторска, второ, е лошо насочена, трето, е премала, четврто, често е контрапродуктивна, петто… Има уште многу, многу!

Наспроти сета помош, иритира економската узурпација на државата/политиката врз културата или, подобро речено, неправедниот, потценувачкиот (најблаго речено) нејзин однос кон културата, кон уметничкото творештво, кон сè што за политиката е најчесто нејасно. Иако таа, културата, враќа многу во оваа држава, многу повеќе од другите државници миленичиња, враќа дури и често невидливи за пошироката јавност одгласи, шири позитивни бранови низ светот и прима возвратни симпатии за коишто државава дури и не е свесна.

Некогаш се „медени“, некогаш се поинакви, ама секогаш се во полза на земјата од каде што доаѓаат. Па во тој контекст сетете се само на краткото обраќање на Самир Љума на доделувањето на наградата за најдобра кинематографија во „Медена земја“ (од страна на Американската асоцијација на кинематографери) и аплаузот при спомнувањето, на пример, на Фестивалот „Браќа Манаки“ и сите оние светски имиња кои биле почестени таму со награда за животно дело, а во тоа време се наоѓаа во салата им ракоплескаа на македонските добитници. Е сега, во таа насока, смее ли да се праша: кој македонски бизнис „фактор“ има(л) такви реакции во светот? Кој македонски извозник предизвикува таква „треска“ во државава и во светот како што тоа го правеше еден филм подолго од цел месец? Според кои параметри, и приоритети, државата ги оценува придонесите на една област визави друга, според кои критериуми се доделуваат државните бенефиции, субвенции, награди и сл.?

Не случајно го велам ова зашто неодамна, од еден (велат) економски „експерт“, слушнавме дека државата треба „да ја остави бизнис заедницата на мир“ (sic!). Да бидам искрен, бев не затечен туку – запрепастен. Мислев, односно не само мислев туку можам да приведам и барем стотина контра примери каде што токму таа фамозна македонска бизнис заедница бара(ше) поголем ангажман на државата во економијата, во нивните „зделки“, бара(ше) да им најде пазари, да им обезебеди ова или она… Стопанските комори речиси секојдневно плачат дека немаат соодветна поддршка од државата, дека економијата мора да има не некаков, туку апсолутно приоритетен приоритет во Македонија и дека сите други овде с(м)е малтене излишни илити вишок, осудувајќи нè на прогонство и непотребност. И сега не знае што човек да мисли – што всушност сака бизнис заедницата? И што сака државата? Наспроти реалноста дека бизнисот во Македонија, сосема неоправдано, е некрунисан цар во државава чиишто наредби беспоговорно се слушаат и исполнуваат, „бизнис-експертите“ имаат образ да се жалат!? Ако кон ова го додадете и фактот дека македонската бизнис заедница доби и таква привилегија да предложи потпретседател на Владата одговорен за економски прашања, тогаш конфузијата станува уште поголема. Кога културата, на пример, добила шанса да предложи министер за култура?

Но, се разбира, немам намера да се бавам со секогаш (во Македонија) проблематичната спрега помеѓу државата и бизнисот и нашата зависност од нивните игри без граници но, повторно, можеби сега е вистинскиот миг да се прераспределат некои приоритети, да се подвлече црта и да се постават поинакви насоки/хоризонти? Или лекцијата на „Медена земја“ уште не е научена? Многу држави од македонски „формат“ поминале низ слични премрежија, па и ние, ако сакате, овие три децении. Затоа „економските“ лекции за културата, ако веќе не ги учиме од другите, може(в)ме да ги (на)учиме и на сопствените лоши примери, без да ги повторуваме. Без оглед на вложеното, културата/уметноста секогаш враќа повеќекратно, и тоа во случајот со „Медена земја“ само се потврди. Какви би биле македонските резултати на ова поле кога би воделе сериозна економска политика во културата (а едновремено и покултивирана политика во економијата)? Ехото што сега го добивме ја потврдува ориентацијата на (делови на) македонската култура за потполна независност и барање (и) финансиска поддршка вон земјата. И тоа секако е вистинскиот пат, но ако оваа држава продолжи со потценување на културата/уметноста, може ли да се случи и овој дел од младата популација полека да почне да ја напушта земјата? Може, апсолутно, тимот на „Медена земја“ ги отвори и овие хоризонти.

*           *           *

Апропо добитниот „Паразит“, нашиот „гнев“ заради губењето на македонското парче од „Оскарот“ не треба да нè тревожи. Голем дел од американската критика, наспроти некои наши кои го нарекуваат дури „просечен“, го смета „Паразит“ за ремек-дело, и тој филм де факто е прв филм од 1929 година од неанглиско говорно подрачје што ја добива најпрестижната награда од Американската академија за најдобар филм. Затоа, нашиот „пораз“ – ако веќе сме решиле (неоправдано) тоа така да го гледаме – е „пораз“ можеби од подобриот? Којзнае, но уметноста, ако е веќе Уметност, не прифаќа такви „рангирања“. А наградите, па тие се само составен дел од циркусот околу Уметноста!

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...