Децата во Ѓорче Петров ќе се вакцинираат во подновен пункт

За неколку денови ќе биде пуштен во употреба и новиот рентген дигитален апарат, што на жителите на овој регион значајно ќе им олесни пристап до оваа рентген услуга и преку системот МојТермин ќе се скрати времето за чекање - изјави министерот Филипче.

77

Во Поликлиниката Ѓорче Петров комплетно е реновиран вакциналниот пункт и се набави нов дигитален рентген апарат. При посетата, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче истакна дека ги следиме стандардите и упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) и започнато е со комплетно реновирање на вакциналните пунктови во Поликлиниките во градот Скопје, информираа од Министерството за здравство.

– Сега, во овие реновирани пунктови, условите за дечињата се многу попријатни. На територија на градот Скопје висок е опфатот со вакцинација со задолжителното вакцинирање, над 99% во Скопје, а над 95% ширум државата. За неколку денови ќе биде пуштен во употреба и новиот рентген дигитален апарат, што на жителите на овој регион значајно ќе им олесни пристап до оваа рентген услуга. Пациентите нема да мора да одат до болниците „8 Септември“, старата градска болница и Клиничкиот центар и преку системот МојТермин ќе се скрати времето за чекање – изјави министерот Филипче.

Минатата година се воведоа две нови вакцини за заштита од пневмокок и рота вирус, кои ги штитат најмладите пациенти од инфекции, кои се чести во детската возраст, особено кај деца кои посетуваат градинки. Имунизацијата е единствената мерка која нѐ заштитува од заразни заболувања. Исполнета е препораката на СЗО со опфат на вакцинација над 95% со МРП вакцина.

Поликлиника Ѓорче Петров претставува успешен пример во своето работење и токму во оваа поликлиника континуирано се унапредуваат условите за третман на пациентите, и се воведуваат новини се со цел на обезбедување на повисоки стандарди и квалитет во давање на здравствени услуги на корисниците на ЈЗУ Здравствен  Дом  Скопје.

– Како општина заедно со комуналните служби редовно се одржува поликлиниката во Ѓорче Петров. Дониравме мебел за опремување на детското катче, на вакциналните соби, ги сменивме дотраените клупи. Во наредниот период се надевам дека во зависност од времето ќе гледаме да ги смениме и павер елементите коишто се дотраени и се од самата изградба на поклиниката. И понатаму во соработка со Министерството за здравство стоиме на располагање првенствено нашите деца да имаат добра примарна заштита и нормално, и повозрасните се чувствуваат пријатно во поликлиника Ѓорче Петров – изјави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Поликлиниката  Ѓорче Петров дава здравствена заштита на населението од три големи општини Ѓорче Петров, Карпош и Сарај со вкупна бројка од 140.000 жители.

– Успешно продолжува приказната за реновирање на вакциналните пунктови. Управата на Здравствениот Дом веќе започна пред два месеци и таа приказна успешно заврши во Поликлиниката Чаир, сега и во Поликлиниката Ѓорче Петров. Од понеделник започнуваме со реновирање на вакциналниот пункт во Поликлиниката Јане Сандански, и таму ќе се инсталира нов рентген дигитален апарат – рече директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...