На денешното рочиште за случајот „Рекет“, судијката Васка Николовска Масевска рече дека сè уште не пристигнало мислењето од лекарите за здравствената состојба на обвинетиот Бојан Јовановски.
Адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски, пак, го извести судот дека неговиот клиент вчера бил однесен на Клиниката за гастро, но таму лекарот ги информирал дека нема услови да се изврши конзилијарен преглед, бидејќи имало само дежурен лекар.
Дуковски побара прво да се добие конзилијарно мислење предупредувајќи на влошената состојба на Боки, кој, како што рече адвокатот, не е во состојба да го следи судењето.
– Ве молам да постапувате според Законот за кривична постапка. Јовановски вчера воопшто не беше прегледан. Не ни е намерата да го одложуваме судењето – рече Дуковски.
Тој ѝ рече на судијката, која инсистира судењето да продолжи, да го праша Боки дали може да го следи судењето.
– Ова е тортура, не можам да го следам судењето – одговори Јовановски.
Потоа, Дуковски со остар и повишен тон ѝ се обрати на судијката, велејќи ѝ дека Боки е под седативи, дека не може да зборува, дека не бил прегледан зашто немало лекар денеска во затворот и побара сега да дојде лекар да го прегледа.
По ова судијката даде половина час пауза за лекарски преглед врз Јовановски.