Премиерот Оливер Спасовски денеска од Охрид оцени дека поништувањето на 89 решенија за вработување во Министерството за внатрешни работи е направено поради тоа што назначувањата се незаконски.
– Законот за влада точно предвидува дека министерот за внатрешни работи во овој период може да промени 15 службеници на раководни функции. Досега, министерот Наќе Чулев има извршено 14 промени, а со 89-те сега поништени решенија се извршени промени на началнички или раководни места во МВР, што е спротивно на Законот – изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој посочи дека министерот за внатрешни работи има право на хоризонтални распоредувања на кадри во службата, но ни е и на промени на раководни структури.
– Апелирам одлуката на Владата да се почитува бидејќи непочитувањето е свесно кршење на законите што навлегува во друга процедура за која мора да бидат свесни сите – и министерот и раководните структури во Министерството и оние на кои се однесуваат тие решенија. Секој треба да знае колкави се неговите права, онолку колку што предвидуваат позитивните законски прописи – нагласи Спасовски.
Во однос на поставувањето на таблата со поранешното име на државата во Министерството за труд и социјална политика, Спасовски најави дека првично ќе разговара со министерката Рашела Мизрахи со цел да се запознае со фактичката состојба, а доколку увиди дека партиските интереси се ставаат пред државните, ќе преземе мерки.
– Почитувањето на Уставот не е желба на било кого. Можете да искажувате ставови до донесувањето на одлуките, но во услови кога постои Устав и за негово почитување нема дебата. Сакам да поразговараме, да ги увидам фактите, но доколку не најдам на разбирање и не видам дека кај било кој министер националните и државните интереси се во прв план пред партиските интереси, секако дека ќе преземам други мерки, рече Спасовски.