Вицепремиерот Бујар Османи, по повод објавената нова методологија за преговори од страна на Европската Комисија, денес имаше обраќање пред претставниците на Националниот совет за европски интеграции при Парламентот на Република Северна Македонија.
– Имам позитивен впечаток дека, по октомврискиот неуспех на ЕУ да оформи консензус за старт на преговорите, работите се придвижија во позитивна насока, со што се враќа европскиот кредибилитет во земјава и регионот. На предложената методологија гледаме како на позитивен исчекор, добра основа која им овозможува на земјите кои испорачуваат квалитетни реформи да добијат соодветна сатисфакција, но и соодветен реверзибилитет, доколку постои отсуство на волја за реформи. Ако искрено очекуваме процесот на преговори да претставува процес кој ќе бележи опиплив, долгорочен и одржлив напредок за земјата, тогаш не треба да нѐ плаши, барем не како граѓани, можноста да се констатира уназадување, па дури и можноста за казни. Велам како граѓани, бидејќи за нас како политичари тоа значи поголем предизвик да обезбедиме видливи резултати со кои ќе мора да се одржува процесот во позитивна насока. Да бидам прецизен – методологијата е подобра за граѓаните, а посериозен предизвик за политичарите – но тоа, ќе се согласиме е добро – истакна Османи во своето обраќање, образложувајќи ги во продолжение елементите на самата методологија, како и нивното значење и реперкусиите врз процесот на европските интеграции на земјава.
– А во овој процес не влегуваме од нула, туку со сериозни резултати остварени зад нас. Како институција имаме идентификувани над седум и пол илјади акти од европското законодавство (Acquis), од кои без малку две илјади и четиристотини, или 31% се веќе транспонирани во нашето законодавство – истакна Османи.