Косовската полиција не им дозволи влез во земјата на членовите на српскиот кошаркарски клуб Слога од Баточина, кои се упатија кон Северна Митровица на натпревар со тамошниот клуб Трепча во рамки на втората кошаркарска лига на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Српските спортисти беа вратени вчера од граничниот премин Јариње, со образложение дека немаат обезбедено дозвола од надлежното косовско Министерство за влез во земјата, како што е пропишано со договорот меѓу Косово и Србија за ваков вид посети.
– Споменатиот тим немаше дозвола од надлежното Министерство, поради што му е одбиен влезот во Република Косово – изјави за порталот „лајми.нет“ портпаролот на полицијата на Косово, Даут Хоџа.
Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) го осуди ваквото однесување на косовските власти, нарекувајќи го „продолжение на старата антисрпска политика“.
„Српскиот народ очекува од новата косовска Влада да ги укине сите мерки на нејзините претходници кои го загрозуваат нормалниот живот на граѓаните во Косово и кои вршат традиционална поделба врз национална основа. Продолжувањето на старата антисрпска политика би било повеќе од разорно за развојот на подобри односи меѓу Србите и Албанците, што е предуслов за градење доверба, без која е невозможно да се градат нормални односи во иднина“, се наведува во соопштението на СЛ.