Новите законски измени донесоа нови политички уцени

4779
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Власта се пофали дека конечно обезбедила двотретинско мнозинство за изгласување на Законот за јавно обвинителство, а како што се зборува во партиски кругови, парламентарното мнозинство овојпат сериозно смета на гласовите од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, од Алијансата на Албанците, од Алтернатива, и од БЕСА.

Новина во предлог-законот е изборот на јавен обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција, кој отсега ќе се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање.

Уште еден новитет е тоа што предметите кои досега ги водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе ги преземат јавните обвинителства, а обвиненија нема да може да се поднесуваат врз основа на прислушуваните разговори. Тоа практично значи дека за случаите „Талир 1“ и „Талир 2“, за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, кои се поднесени по законскиот рок, како докази нема да се користат прислушуваните материјали.

Според правните експерти со коишто разговараше Плусинфо, новите предложени измени на овој предлог-закон претставуваат класични уцени, а власта е притисната до ѕид и е принудена да ги прифати.

Класична уцена

Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, за Плусинфо вели дека во случајов власта е принудена да го прифати новото законско решение за Јавното обвинителство, затоа што, како што објаснува, овде станува збор за класични уцени.

– Проблемот е во тоа што многу тешко се бориме со желбата да не се одговара за направениот криминал. Овде е присутна цела една гарнитура која очигледно сака да продолжи криминалот, да продолжи системот во којшто може да се живее без стандардите и без цивилизациските текови што значат правда и закон. Токму затоа власта овојпат е принудена да го продолжи овој континуитет на барање излез преку уцени. Кога политичките партии ќе почнат да креираат мислење за тоа каков правен поредок ни е потребен или каков закон треба да се донесе, тогаш лесно е да се заклучи дека правото е базирано на чиста политика. Јас имам големи резерви дека ние се наоѓаме во една таква фаза која не ветува значително подобрување на состојбите – вели Ивановски.

Според него, условите што се поставени за предлог-законот за ЈО не претставуваат „барање влакно во јајцето“, туку уште полошо – „барање крокодил во зрно грашок“. Тој го искоментира и барањето за воведување Бадентерово мнозинство при изборот на јавниот обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција.

– Најлошото е тоа што ние си го имавме Јавното обвинителство, но барајќи како да го изиграме тоа Јавно обвинителство, ние се доведовме во ваква позиција. Сега постои и услов да се прифати Бадентеровото мнозинство. Тоа е чисто лудило. Вие не можете да барате примена на Бадентеровиот принцип, кој може единствено да се применува во колективни тела кои колективно одлучуваат. Огромна глупост е да барате Бадентер да се примени во судница, бидејќи неговото место не е ниту во судот, ниту во обвинителството – вели Ивановски.

И универзитетскиот професор Гордан Калајџиев кратко го искоментира новото законско решение за Јавното обвинителство.

– Последната верзија на Законот за Јавно обвинителство што е сега во процедура не само што не ги отстрани контроверзиите што ги зготвија партиите, туку напротив, ги дорасипа. Брука! – смета Калајџиев.

Страв од реформирано обвинителство

По усвојувањето на измените во Законот за јавно обвинителство остро реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ која обвини дека повторно се наметнуваат законски решенија кои се спротивни на интересите на македонските граѓани. Оттаму велат дека гласот на пратениците и на граѓаните е злоупотребен, како и дека правото и правдата се на распродажба.

„Аболицираниот криминалец Зоран Заев заедно со неговата криминално-рекетарска банда преку новото законско решение за законот за обвинителство се обидуваат по секоја цена да издејствуваат амнестија за криминалите кои тој и неговата банда ги сторија изминатите 3 години. Новиот закон кој на сила власта сака да го донесе, ќе ги амнестира функционерите кои се богатеа на грбот на граѓаните, преку криминални тендери и грантови. Ќе ги амнестира сите оние зделки во четири очи, зделки при кои беа злоупотребени парите на граѓаните. Зоран Заев е свесен дека по 12 април неговата политичка кариера е завршена“, наведено е во партиското соопштение.

Таму е посочено и дека лидерот на СДСМ се плаши од реформирано и професионално обвинителство кое ќе ги процесуира сите негови криминали, поткупи, рекети, закани и злоупотреби.

„Уште еднаш апелираме новото законско решение да го креираат експерти, бидејќи само така во Македонија може да се врати правдата и да завладее правото. Само закон позади кој стојат експертите и правната фела може да ја доближи нашата држава до Европската Унија и да обезбеди подобро утре за сите нас“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Придонес кон европската интеграција

Од партијата на Зоран Заев, пак, велат дека опозицијата се плаши од Законот за ЈО, затоа што, како што велат, партијата работи во заштита на експремиерот Никола Груевски и обвинетите во предметите на СЈО.

– Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ по нарачка на Никола Груевски носеше над 50 закони преку ноќ и со цел да ги заштити личните и партиските интереси. ВМРО-ДПМНЕ знае дека носењето на Законот за ЈО значи правна разрешница за сите судски случаи во кои обвинети се нивни поранешни функционери. Вистината е дека во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите  тоа ВМРО-ДПМНЕ го знае и оттука е револтот против ова законско решение – велат од СДСМ.

Оттаму додаваат и дека законот гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.

– Кон содржината на предлог-законот беа вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се застапуваше и се избори независната пратеничка група. Додека заеднички се работеше на наоѓање заедничко решение, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски правеа сѐ за овој Закон да не се најде пред пратениците. Усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес кон европска интеграција на земјата, и уште еден аргумент за Европската Унија да донесе позитивни одлуки за почетокот на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Унијата, што е особено важно за граѓаните – велат од партијата на власт.

Денеска во 17 часот претседателот на Собранието, Талат Џафери, свика седница за Законот за обвинителство.

Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...