Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, со куса изјава реагираше на прес-конференцијата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој побара таа да биде разрешена оти ја симнала таблата од МТСП со што предизвикала реакција од Грција.
– Демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин е да реагира кога ќе види неправда. Таблата е наследена и не постои стара и нова табла. Постои само една табла во Министерството за труд и социјална политика. Во меѓувреме треба да ѝ заблагодариме на вицепремиерката за економски прашања, поради тоа што не ја сменила таблата и со тоа длабоко во себе препознава дека ова е Република Македонија – посочила Мизрахи.
Инаку, Димитров утринава одржа прес-конференција на која обелодени дека Грција испратила вербална нота затоа што министерката Мизрахи ја отстранила официјалната табла на Министерството на која е напишано уставното име на државата – Република Северна Македонија.
Фото: Фејсбук