Секторот за компјутерски криминал го известил Јавното обвинителство за статусот на Фејсбук на новинарот Бранко Тричковски кој содржи говор на омраза, информира МВР. Полицијата побарала Фејсбук да достави кориснички податоци за профилот на новинарот. Тричковски вчера во 16.05 часот на Фејсбук објави статус со текст: „Слушам дека Мизерахи пак јадела хумус од мртви Евреи“.
При следење на интернет содржини со цел утврдување и документирање содржини со говор на омраза, од страна на Секторот за компјутерски криминал утврден е профил со име Б.Т., кој на 06.02.2020 во 16.05 часот го објавил следниот текст: „Слушам дека Мизерахи пак јадела хумус од мртви Евреи“, се наведува во соопштението од МВР.
Случајот е документиран и доставено е известување до Основното јавно обвинителство Скопје со цел нивно запознавање со предметот и воедно издавање барање адресирано до компанијата Facebook Inc да достави кориснички податоци за профилот. По добивање на потребните податоци ќе бидат преземени соодветните мерки и активности со цел утврдување на сторителот на кривичното дело по член 394-г – „Ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем“ и член 319 – „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, предвидени во Кривичниот закон, соопшти МВР.