Ременски: Jас немам никаква допирна точка со Орце Камчев

541

Кога би имало неселективност во постапувањето би се елиминирале сите сомнежи што постојат во јавноста за партизираност на судството, вели потпретседателката на Собранието Фросина Ременски во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Во однос на нејзината смс комуникација со Бојан Јовановски изнесена на судењето за „Рекет“, Ременски вели дека тие биле добри за наслови во медиумите, иако содржински не одговараат на контекстот во кои се кажани работите.

– Не се сеќавам доследно на редоследот на таа комуникација, меѓутоа можам да кажам дека е комуникација во контекст на тој медиумски интерес и ексклузива што ја бркаа медиумите во тој временски период. Бидејќи новинарите не ме побараа да дадам свое мислење за таа преписка, сакам да кажам дека под целосна материјални и кривична одговорност ниту во директна ниту индиректна релација и врска немам никаква допирна точка со Орце Камчев, со семејството Камчеви или пак со случајот „Империја“, освен во оној временски период кога нашата политичка партија излезе со ходограм и се објаснуваше таа мрежа на „Империја“ – изјави Ременски.

Во однос на стратегијата за „Рекет“ вели дека повеќе е трговија со информации во однос на креирање општи индиции, отколку да се соберат материјални докази за да се поткрепи тоа.

– Целокупниот процес ми личи дека имаме судење за убиство без леш. Не се одговара на клучното  прашање каде се парите. Повеќе ми личи дека се остава простор за медиумска шпекулација отколку за нешто конкретно и несоборливо – изјави Ременски.

Во однос на Меѓународниот сојуз, вели дека има предлог обвинителен акт и чека оценка во Основниот суд.

– Поднесовме еден сериозен приговор по тој предлог обвинителен акт, бидејќи кога го добивме видовме дека освен една конструкција и неколку сегменти во исказ, кој што не имплицира на кривично правни делувања нема ништо конкретно како материјален доказ за да може да послужи како аргументација на дел од работите кои провејуваат во јавноста – рече Ременски.

Taa посочи дека очекува да излезат на виделина и многу други апсурди.

– Јас имам своја теза за целокупниот случај, но можам да кажам дека во овие неколку случаи има сериозен линк помеѓу ЈО, разузнавачки структури и параполициски структури, кои имаат некоја агенда која не оди во прилог на објективното судење -, вели Ременски.

Чекам да заврши целата постапка, истакна таа, за да ги изнесе своите тези и сомневања.

– Можеби ќе изнесам и конкретни работи коишто ќе отворат некоја димензија и ќе го аргументирам она што го кажав на 3 јануари, дека можеби со овој случај ќе почне реформата на ЈО -рече Ременски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...