Првата поголема епидемија во ерата на социјалните мрежи создаде глобална психоза или како веќе се нарекува – вистинска „инфодемија“ на дезинформации и лаги поврзани со коронавирусот, но и нов подем на неорасизмот на Западот, пишува Ивор Мицковски во колумната за Дојче веле.
Дури ни малата и периферна Македонија, далеку од глобалните текови и без поголема азиска или кинеска заедница во земјата, не остана имуна на расистичкиот и ксенофобен изблик на омраза.
Токму преку социјалните мрежи бевме сведоци како наш сограѓанин, во центарот на градот, на неколку метри од нашето МНР, наидувајќи на неколку луѓе од азијатско потекло, им се нафрла со навредливи и погрдни зборови. „Еј Коронавирус, мрш од тука. Да ве е*** во уста короништа едни“.
За апсурдот и иронијата да излезат поголеми, нешто што неизбежно се случува кога ќе изостане чувството за трагичното и срамот, или разбирањето дека комичното се губи во претеризмот, целиот немил настан заврши како фарса. Наводните Кинези излезе дека биле од Јужна Кореја, претставници на невладина организација при Обединетите Нации на посета во Македонија и дека во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Свети Николе држеле работилница за мир, толеранција и меѓусебно почитување.
По којзнае кој пат се покажува целата трагикомичност на расизмот, и се потврдува онаа грандиозна мисла дека „да си фин, е револуционерен чин”.
Како што реков, среќа во несреќа е што Македонија е најчесто на периферијата од глобалните текови, а за добро или за лошо, и оваа вирална инфекција која станува вирална и благодарение на социјалните мрежи е дел од планетарната меѓуповрзаност и глобалната меѓузависност. На Западот случаите на дискриминација, расизам и ксенофобија добија драматични пропорции, правејќи ја здравствената епидемија смешна пред епидемијата на комуникациски, митомански и конспирациски теории.
Само за споредба, од обична настинка годишно умираат помеѓу 300 и 500 илјади луѓе, од маларија во Африка умираат стотици илјади годишно, но никој не зборува за тоа што го сфаќаме како нормално или за луѓето кои се толку сиромашни што не ги ни сметаме дека постојат.
Инфицирани информации
Проблемот со таканаречната „инфодемија“ или како што милуваме да ги нарекуваме „лажни вести“, е што вината не може да се бара единствено во употребата или злоупотребата на социјалните мрежи. Еден од главните проблеми произлегува токму од изворите на информации, најчесто од институционални канали, засилени од несовесните медиуми, што пак прави информацијата, кога еднаш ќе стигне до граѓаните, веќе да е заразена или „инфицирана“.
Од откривањето на коронавирусот досега, во јавноста циркулираа бројни лажни тврдења и измами. Меѓу нив и теории на заговор дека вирусот бил произведен во лабораторија и дека вакцините се веќе произведени, претерувања за бројот на заболени и мртви, како и тврдења за лажни лекови. Излегоа и смешни написи дека коронавирусот се лекувал со алкохол, или дека Американците им го пуштиле на Кинезите како последица на нивниот економски и геополитички судир. Во СЗО оценуваат дека појавата е придружена од масивна „инфодемија“ – мноштво информации, некои точни, а некои не, кои им отежнуваат на луѓето да најдат веродостојни извори на информирање и сигурни насоки кога им требаат.
Тоа во кое што имаме среќа, а повторно ќе нагласам, затоа што Македонија не брои заболени и нема голема азијатска популација, е што психозата сѐ уште ја нема заразено нашата токсична политика. Видовме колку е лесно прашањето на „странецот и непознатото“, гледано низ призмата на мигрантската криза, да добијат своја политичка злоупотреба и неколку години да бидат еден од главните извори на лажни вести, расизам, психоза и омраза. За средина каде цветаат хомофобијата, мизогинијата и генерално триумфира деструктивната политика, пронаоѓањето на еден нов непријател и нов расистички израз ќе беше навистина опасно имајќи го предвид нашиот докажан имунонолошки егоизам.
Оттука главната проблематика која мене лично ме интересира и на која сакам да предупредам е всушност како функционира тој механизам на ширење на расистичкиот вирус. Во надеж, дека доколку здравствено се влошат состојбите и кај нас, барем ќе останеме имуни на расистичката епидемија.
Заштитен ѕид од непознатото
Неорасизмот нема ништо суштински ново во себе, освен причината поради која повторно доаѓа до израз. Во суштина се работи за еден антички, древен, атавистички емотивен нагон на човекот. Тоа е убедувањето дека вирусот, заразата, болеста, лошите нешта, доаѓаат секогаш „однадвор“, и ја инфицираат невиноста и чистотијата на здравите луѓе дома.
Поинаку кажано, се работи за еден атавистички страв на човекот да биде допрен од непознатото. Потоа тој страв доживува своја кулминација и преминува во паника кога ќе се почувствува невозможноста да се избега или човек да се оддалечи од проблемот кој е во прашање. Не случајно паничните кризи или фобии настануваат во пренатрупани или затворени простори, во тунел, лифт или авион, каде субјектот го перцепира чувството дека нема никаков излез.
Епидемиите на вирус на тој начин комплетно припаѓаат во феноменологијата на човековиот страв од контакт со другиот. И како што делумно решение за здравствениот проблем е карантинот, така тоа општествено и политички може да се преведе во наше затворање кон другиот или различниот. Според Фројд, станува збор за еден од основите нагони на човекот – подигнувањето на заштитен ѕид пред непознатиот и непријателски карактер на животот и светот.
Во тој процес, непознатото и непријателското се претвораат во синоними. Тука доаѓа до израз стравот или еден вид на анксиозност од натрапникот. Дали мојот дом ќе ме заштити, што потоа може да го преведеме во: дали нашите граници можат да ни гарантираат заштита пред „странецот“? Од тој аспект лесно разбираме дека вирусот или заразата е всушност инкаранцијата на „странецот“ кој нема лице, нема тело, но наскоро ќе го добие и тоа. Затоа, не случајно здравствената и политичката мобилизација која настанува во вакви ситуации, и која го контролира влезот на луѓе или „страни тела“ на нашата територија, цели кон идентификација на вирусот и неговите човечки носители.
Со други зборови, епидемијата е всушност онаа категорија која го нагласува човечкиот нагон кон избегнување на контакт или поточно кон затворање. И повторно, политички и опшествено, зошто ние сме политички и општествени битија, таа анксиозност се преведува во потрага по општествена безбедност и зајакнување на јавниот ред и мир, кои нормално можат да бидат и политички злоупотребени. За подобра илустрација, не случајно диктаторските режими секогаш употребувале одредени медицински метафори со цел да го дефинираат непријателот како вирус, инфекција, бактерија, зараза. Тука пред сите предничи Хитлер, кој ќе се издигне себеси меѓу другото и како лекар на Големата Германија задолжен да го искорени вирусот на Евреите, комунистите, либералите или хомосексуалците.
Нагон за самоодржување
Повторно ќе се повикам на Фројд кој овој нагон кон безбедноста го нарекува нагон за самоодржување. Тоа во политичка смисла се преведува во една параноична тенденција која го идентификува странецот како закана кон интегритетот на националниот корпус. И овие тенденции не треба да се опишуваат само како некој вид на политичка неписменост или неграѓански варваризам. Кај субјектот тие се раѓаат од простиот факт што научно е докажано дека во секој човек лежи некој вид на ксенофобична инклинација. Проблемот настанува кога одредена политика или партија, или група на луѓе ќе почнат да ги мобилизираат тие нагони и ставови и да ги преточуваат во политичка акција. Во голем дел од земјите каде се појави коронавирусот, сведоци сме дека токму политиката, наместо да работи кон неутрализирање на тие стравови, на затворање на тој дух во шишето, тие дополнително ги наоружуваат таквите нагони со цел политички да профитираат од културата на омраза и страв.
На тој начин, некогаш „вирусот“ ќе биде инкарниран во телото на црнецот, некогаш во оној на мигрантот, овој пат кај Кинезот, и така во круг, постојано во потрага по нови непријатели и нови „жртвени јагниња“. Расизмот тука се комплетира токму во таа проста идентификација дека одредена „раса“ е извор на болеста.
И тука повторно се судираме со апсурдноста на расизмот, со простодушноста која ја пропагира. Токму еден вистински вирус, кој недискриминира во заразата, кој патува, лета, се шири без притоа да познава разлики меѓу луѓето, зошто за него сите луѓе се исти, се злоупотребува и претвора во расизам. Апсурдно е епидемија да се врзува за „раса“, како што е апсурдно да се доживува од аспект на „нација“.
Напротив, токму епидемиите, по своите карактеристики и природата на проблемот, ни кажуваат дека тие не можат да бидат национални, туку само глобални, и дека само низ глобални политики, соработки и напори можат да бидат елиминирани. Зашто на епидемијата не е ѝ гајле за геополитиката, како што не е ѝ гајле за политичките разлики во земјата или во светот.
Во обид да се спасиме од заразата, наместо да се отвориме кон светот, сѐ повеќе си го затвораме умот и срцето. Така паѓаме двојно болни, што од коронавирусот, што од вирусот на омразата.