Нема одговорен за несоодветниот третман на медицинскиот отпад

105

Собранието пред два дена едногласно со 62 гласа „за“ го донесе Законот за управување со отпад, а на политичката сцена не престануваат меѓусебните обвинувања кој е одговорен за несоодветниот третман на медицинскиот отпад во депонијата Дрисла и за користење на несоодветно гориво во индустриските капацитети што според екологистите е главна причина за енормното загадување на воздухот во земјава.

Токму екологистите од Граѓанското здружение „За чист воздух“ завчера и врачија пехар за „Трујач на годината“ на скопска Цементарница иако, како што велат од компанијата, тие се првите што добиле „А интегрирана еколошка дозвола“ во земјава за што вложиле 70 милиони евра и оти воопшто со горивото што го користат не ја загадуваат животната средина.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пак, едни со други се обвинуваат кој е одговорен за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола, а надлежниот јавен обвинител и издаде наредба на Единицата за економски и компјутерски криминал од мобилниот телефон на главниот инспектор во Град Скопје да бидат издвоени видеоматеријалите што тој ги снимил, со цел тие да бидат обезбедени на законит начин, во рамки на предметот за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола.

СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со години ги труел граѓаните и повика случајот со медицинскиот отпад да добие правна разрешница, а за неодговорното однесување на Сашо Јанакиевски од „Еко клуб“ порача дека е последица на режимското владеење на Никола Груевски и неговите реалции со ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, Петре Шилегов, Венко Филипче и Јани Макрадули мора да одговараат заради несоодветниот третман на медицинскиот отпад, а Јавното обвинителство се уште е во зимски сон и не реагира за хаосот во Дрисла. Порачуваат дека Сашо Јанакиевски многу вешто по промената на власта успеал да се приближи до тогашниот премиер Зоран Заев.

-Кривичната пријава за третманот на медицинскиот отпад од страна на „Еко клуб“ ја поднесе главниот инспектор на Град Скопје на 13 декември минатата година, три дена откако го забележал настанот. При поднесувањето на пријавата, подносителот не доставил материјални докази, а за настанот не е приложена ниту службена белешка, ниту записник за констатирани неправилности од страна на подносителот-инспектор, соопшти вчера Основното јавно обвинителство Скопје и прецизира дека од страна на Град Скопје на 31 јануари преку архивата на Обвинителството е доставено ЦД со определени материјали.

Веднаш, истиот ден по приемот на кривичната пријава, дежурниот јавен обвинител пред кој бил пријавен настанот и кој изготвил записник за прием на кривична пријава, издал наредба до СВР Скопје за да се направат неопходните проверки со кои ќе се обезбедат докази во поглед на наводите во пријавата.

СВР-Скопје постапило по наредба и до ОЈО било доставено известување со обезбедени и приложени писмени докази – писмен допис од Државниот инспекторат за животна средина со Записник за извршен инспекциски надзор од 12.12.2019 година, како и Решение од тој инспекторат со кој се задолжува правното лице кај кое бил извршен надзорот да изврши мерење на емисии на гасови во воздухот од емитерот на автоклавот за третман на медицински отпад, годишен извештај за постапување со отпад од 30.01.2019 година со пропратна документација, извештај за тестирање кој се однесува на мерење и анализа на концентрацијата на загадувачки супстанции во отпадните гасови од емитер од 23.02.2018 година, договор за вршење услуга – третман на отпад од 04.10.2017 година склучен меѓу „Дрисла“ ДОО Скопје и „Еко клуб“ – Битола, дозвола за вршење дејност – собирање и транспортирање на опасен отпад од 18.11.2016 година издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Доставени се и дозвола за вршење дејност – складирање и третман на опасен отпад од 03.11.2016 година издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, одобрение за вршење на превоз на опасни материи во патниот сообраќај од 01.06.2018 година, издадено од Министерството за транспорт и врски, тековна состојба за правното лице „Еко клуб“ – Битола, податоци за правните субјекти со кои „Еко клуб“ соработувал во вршењето на дејноста, елаборат за животна средина за поставување на постројка за дезинфекција на медицински отпад од септември 2016 година и решение за одобрување на тој елаборат од Министерството за животна средина и просторно планирање и фотодокументација за затекната состојба во просториите на правното лице на 13.12.2019 година, кога по наредба на јавниот обвинител беше извршен увид на лице место.

До Државниот инспекторат за животна средина е издадено барање за достава на податоци за сите дополнителни проверки и за констатираните состојби во постапувањето со медицински отпад од страна на правното лице, а до Управата за финансиска полиција беше издадена наредба за проверки во поглед на финансиското работење на правниот субјект.

За скопскиот градоначалник Петре Шилегов целосно е неприфатливо однесувањето на двете одговорни институции – Јавното обвинителство и Државниот инспекторат за животна средина.

-Педесет дена да молчите, притоа надлежниот државен инспектор за животна средина баш на 12 декември, бидејќи снимањето на градскиот инспектор било приметено од чуварските служби, на 10 кон 11 декември вечерта. Веројатно на 11 декември се чисти се и баш на 12-ти прават вонреден надзор на кој му издаваат документ дека се било во ред. И сега Градот треба да излезе виновен за тоа што пријавил? Да сум им јас претпоставен, ниту обвинителката ќе беше денеска обвинителка, ниту инспекторот ќе беше денеска инспектор, рече Шилегов на прес-конференција.

Тој посочи дека вчера од страна на МВР бил повикан градскиот инспекторот да го даде телефонот на кој се снимките, но снимките, како што рече, веќе не се наоѓаат на тој телефон.

– Одговорен обвинител веднаш бара од истражен судија налог и врши запечатување на таа инсталација, истиот ден, на 13 декември кога се пријави требаше да биде запечатена. Па да се изврши целосна истрага, па да се најдат и остатоци од органи од крв или од не знам што, што очигледно биле остранувани за на 12-ти државниот инспектор да даде решение дека се било во ред. Од цела година вонреден надзор баш еден ден после снимањето најдоа да прават контрола. Кој е овде луд? Недозволиво е однесувањето на овие две институции, посочи Шилегов.

Случајот, како што појасни, бил пријавен со изјава на записник од страна на инспекторот Мирослав Богдановски како градски инспектор, кај надлежната обвинителка. Притоа при самата пријава на надлежната обвинителка и се покажани видео снимките и фотографиите што ги поседува Градот и градскиот инспекторат.

Од 13 декември до крајот на јануари Шилегов вели дека немаат допирна точка со предметот во ЈО.

– Ниту сме информирани, ниту сме известени, ниту знаеме дали воопшто и на кој начин се постапува од страна на обвинителството по пријавава. Имајќи го предивид сето ова, носам одлука и како градоначалник се обраќам до ЈО со допис при што го приложувам и ЦД-то на кое се наоѓаат снимките. Повторно нема никаква реакција од ЈО. Ниту од Државниот инспекторат за животна средина, вели градоначалникот.

Тој наведе дека има три фирми што носат медицински отпад во „Дрисла“ и оти од 20 јануари ги запазуваат протоколите. Вели дека не би било коректно да зборува за нерегуларности или регуларности на Дрисла пред Градот да воспостави контрола. Тие фирми, додава тој, се носители на лиценци.

Македонската асоцијација за цврст отпад (МаСВА) во меѓувреме изрази загриженост за начинот на кој во јавноста се третира прашањето на отпадот, неговиот третман и преработките од отпад за понатамошна употреба.

-Светски воспоставената пракса на селектирање на отпадот, негово рециклирање и преработка за понатамошна употреба е широко применета и гарантира соодветен третман на отпадот и намалување на истиот. Воедно, реупотребата на соодветно третирани остатоци од отпад гарантирано ја намалува употребата на природни ресурси и обезбедува воспоставување на принципи на циркуларна економија и нула-отпад, велат од МаСВА.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...