Стотина вработени во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска преку соопштение истакнаа дека им се кршат правата со тоа што не може да ја добијат декемвриската плата и немаат здравствено осигурување, а најавуваат и дека ќе поднесат тужби и кривични пријави за одговорните лица и институции кои им го прекршиле ваквото право.
По оставката, а потоа и апсењето на Катица Јанева, оваа институција остана без потписник, бидејќи таа беше единствената овластена да потпишува за исплата на плати. За октомври и ноември 2019 година тие успеале да ги добијат платите со присилно извршување преку Управата за јавни приходи (УЈП), но тоа не можат да го направат и за декемвриската плата.
Како што потсетуваат во соопштението, кога се носеше буџетот за 2020 година пратениците едногласно на Комисијата за финансирање и буџет усвоија амандман со кој парите кои требало да бидат за оваа институција се пренаменија и се адресираа на сметката на Државната изборна комисија (ДИК) за предвремените парламентарни избори.
„Проблемот настана кога се јави потреба од присилно извршување на декемвриската плата. Така, поради фактот што во буџетот на СЈО за 2020 година предвидени се финансиски средства само на ставката за плати, која ставка, согласно образложението на Министерството за финансии, е изземена од присилно извршување, не постои можност за присилна наплата на платите на вработените лица, што е апсурдна ситуација – да не може присилно да се изврши исплата на плати од ставката за плати од буџетот на СЈО“, наведено е во соопштението.