Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ не е против законот за јавно обвинителство

120

ВМРО-ДПМНЕ не е против законот за јавно обвинителство туку е против партискиот закон за јавно обвинителство, рече денеска на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

– Во Собранието, драфт-верзијата која се дебатираше на јавната расправа и на која беа поканети еминентни стручни лица од областа за која дискутираме, се уште не е во собраниска процедура. Ние го имаме во собраниска процедура старото законско решение кое е различно од ова за што дебатираа експертите. По завршувањето на јавната дебата гледаме дека министерката за правда Рената Дескоска воопшто не е спремна да ги почитува забелешките на експертите – рече Мицевски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, излезе со предлог да се остави можност експертите да се произнесат и да направат заедничко законско решение, експертите да го направат, а ние како политички партии да го разгледаме и да го гласаме.

Во однос на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ блефира со предлогот за распуштање на Собранието, Мицевски рече дека е несериозен одговорот од страна на СДСМ. Потсети дека претседателите на политичките партии, релевантни во државата, се договорија за датумот на лидерската средба кај претседателот Пендаровски.

– Од она што се случува во Собранието и од процедурата која е деловнички во Собранието за да се закаже седница за распуштање на Собранието, потребен е одреден материјал кој ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден го достави. Така формално-правно немаме проблеми за закажување на оваа седница. Талат Џафери со материјалот кој го има доставено пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да закаже седница за распуштање на Собранието и на самата седница, пратениците и СДСМ ќе можат да видат дали е блеф на ВМРО-ДПМНЕ или не – рече Мицевски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...