Синдикатот на вработените во италијанската железница соопшти дека в петок ќе организира двочасовен генерален штрајк на вработените во секторот. Причина за штрајкот е исклучително сериозната ситуација со денешниот инцидент и во знак на почит кон загубените човечки животи.
Брзиот воз Frecciarossa (Црвената стрела) утринава излета од шините во близина на градот Лоди. Во несреќата загинаа двајцата машиновозачи, а 31 лице е повредено.
Претседателот на Италија, Серџо Матарела, изрази сочуство до семејствата на загинатите и ги повика надлежните органи максимално брзо да ги утврдат причините за инцидентот, за да го осигураат безбедното патување на граѓаните, пренесоа агенциите.
Штрајкот на вработените во железницата е закажан за 12 часот и планирано е да трае два часа. Според првичните информации во штрајкот ќе се вклучеле претставници на сите компании во овој сектор, кои работат како на национално, така и на локално ниво.