Железници: Машиновозачите и помошниците да прекинат со незаконскиот штрајк!

77
20150708 Wednesday 1011 Skopje zeleznicka stanica renoviranje soobrakaj prugi voz sini nov lik kenzo tange nova stanica rabotnici rekonstrukcija

Со оглед на тоа дека машиновозачите и помошниците индивидуално прекинале со работа, индивидуално и ќе треба да се изјаснат дека прифаќаат или одбиваат да ги извршуваат работните задачи, велат од Железници на тврдењата на претставници на машинскиот персонал за притисоци и оти им било побарано поединечно да се изјаснат дали ќе ги исполнуваат работните обврски.

Од Железници денеска повторно апелираа до машиновозачите и помошниците да прекинат, како што изјавија оттаму, со незаконскиот штрајк што трае веќе три дена, бидејќи со тоа нанесуваат огромна финансиска штета на компанијата, но и на стопанството.

Со бојкотот машинскиот персонал бара зголемување на надоместот за квалитет на работа од 30 на 40 проценти. Целосно не функционира патничкиот сообраќај. Во товарниот, според машинскиот персонал, завчера и вчера сообраќал по еден воз, а според раководството на ЖРСМ, тој вид сообраќај се одвива со потешкотии.

За раководството, барањата на машиновозачите и помошниците се надвор од финансиските можности на фирмата, бидејќи, како што велат, со огромни тешкотии успеваме да исплаќаме плата за вработените и обврските.

Оттаму изјавија дека „стапувањето во незаконски штрајк од страна на машиновозачите и помошниците е во спротивност со одредбите од член 122 од Законот за железнички систем“.

– Таму е јасно утврдено дека за време на штрајк, штрајкувачкиот одбор и работниците кои учествуваат во штрајк се должни да обезбедат неопходно ниво на процесот на работа со кое нема да се загрози животот, здравјето, економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното вршење на стопанските и други дејности во Република Северна Македонија, односно за време на штрајк мора да сообраќаат следните возови кои: превезуваат животни, свежи производи, воени и специјални пратки, опасни материи и предмети, суровини, репроматеријали и погонски материјали кои се неопходни за одвивање на стопански и други дејности, патници во локалниот патнички сообраќај на сите релации и тоа по еден пар на возови, и возови кои сосбраќаат во меѓународниот сообраќај – потенцираат од ЖРСМ Транспорт.

Тие вчера објавија дека платите на машиновозачите во просек изнесуваат 47.600 денари, а на реакциите од машинскиот персонал дека се објавува оглас за нови вработувања одговараат дека е планиран со бизнис планот за 2019 и 2020 година со оглед на недостигот на извршен персонал и персонал кој заминува во пензија.

Апел да продолжат со работа до машиновозачите упати министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, укажувајќи дека со секој застој во претпријатието се создаваат нови долгови, што е проблем години наназад. Во делот на превозот на патници ЖРСМ Транспорт добива субвенции од државата и тој основ за годинава се предвидени 430 милиони денари. Ангажирана е и консултантска куќа која треба да подготви студија со можните модели за преструктурирање на Железници на РСМ Транспорт, по препораките од Европската комисија и домашните експерти дека решение за состојбите во железницата е либерализација на железничкиот сообраќај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...