Првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски Боки 13-ка на почетокот на денешното рочиште ѝ дофрли на обвинителката Вилма Русковска дека таа врши тортура врз него по што беше накратко изнесен од судницата.
– Јас имам малигнитет, а вие вршите тортура врз мене – ѝ рече Јовановски.
Јовановски рече дека не се чувствува добро и ја извести судијката Васка Николовска Масевска дека лекар препорачал да биде опериран и дека нема да може да го следи судењето. Судијката му рече дека ќе повика лекар да го прегледа, а на тоа Јовановски и рече дека не сака под седативи да го судат и дека неговата здравствена состојба бара оперативен зафат, а не преглед на лекар во судот.
– Јас имам рак на желудник и состојбата треба да се санира со операција – повтори Јовановски по што судењето продолжи со изведување докази.
На денешното рочиште треба да продолжи прикажувањето материјални докази и тоа снимки што ги доставил во Обвинителството, бизнисменот и сведок Јордан Камчев.
Обвинети во „Рекет“ се Бојан Јовановски и Катица Јанева, поранешна специјална обвинителка, а третообвинетиот Зоран Милевски Кичеец призна вина и доби три години затвор.