Во Германија во моментов 36 политичари се наоѓаат под заштита на Сојузното биро за борба против криминалот (БКА), соопштено е во Бундестагот, пренесе Хина.
– Од 36 политичари кои се наоѓаат под заштита, десет имаат постојана придружба. Кај останатите заштитата се засилува во зависност од ситуацијата – се наведува во одговорот на Министерството за внатрешни работи на прашањето на Пратеничкиот клуб на Либерално-демократската партија на Германија (ФДП).
– Од одговорот на министерствто произлегува дека иако е во опаѓање бројот на политичари на кои им е потребна заштита, зачестените напади врз политичари во последно време не даваат причина за опуштање – изјави Бенјамин Страшер, внатрешнополитички портпарол на Пратеничкиот клуб на ФДП.
Меѓу политичарите кои се цел на напади на радикално десничарските сторители е и социјалдемократскиот пратеник Карамба Диабу. Канцеларијата на овој политичар од африканско потекло во Хале само годинава е нападната неколку пати и тоа со огнено оружје.
Минатата година во јуни во непосредна близина на Касел беше убиен демохристијанскиот политичар Валтер Лубке заради својата поддршка за бегалците, а осомничениот за убиството е познат припадник на екстремно десничарската политичка сцена.