Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, заедно со министерот за животна средина Насер Нуредини и директорот на „Дрисла“, Коста Начевски, денеска на новинарите им ги отвори вратите на депонијата.
Тој истакна дека во „Дрисла“ се врши внатрешна ревизија, но дека ревизорите наидуваат на многу чудни работи.
– Луѓе коишто живеат во Австралија се воделе како вработени во „Дрисла“ и редовно добивале плата. Сега работиме да ја оспособиме машинеријата, за а не изнајмуваме машини, нешто што било практика во минатото. Во соработка со новиот директор, Коста Начевски во преговори сме за набавка на нов стабилизатор, моите очекувања се дека тој би можел да биде пуштен во употреба во март годинава. Сакаме да најдеме начин и гасовите од депонијата да ги претвориме во електрична енергија. Мојата идеја е заедно со министерот, со инвестиции во овој дел и со пречистителната станица за отпадни води, „Дрисла“ да стане првата санитарна депонија во нашиот град – рече Шилегов.
Шилегов нагласи дека Градот Скопје и тој, како градоначалник, се гарантот за исправноста на идното работење на „Дрисла“.
– Гарантирам пред граѓаните дека по 20 јануари, се додека сум јас градоначалник на Скопје, овој капацитет на Град Скопје ќе работи според сите позитивни законски прописи и сите немили случки или сомнежи дека нешто такво би можело да се случи, во иднина ќе ги нема – додаде Шилегов.