Изгледа дека балканските земји, сакале-нејќеле, ги следат слични, а често пати и исти проблеми. Тазе вратена од Белград, од конференцијата на српската редакција на Би-би-си онлајн (Би-би-си, пак, прави отвори затвори – пред седум години ја затвори српската радио служба заедно со „мојата“ македонската и албанската, па сега ја отвора само српската, ама на интернет), не можам, а да не ги прокоментирам одблизу и од прва рака сличностите.
Многу работи ми се веќе видени во Србија, како Македонија пред едно шест-седум години. Па се споредуваме се колегите и ги брифираме Англичаните. Се вклучуваат и колеги од другите делови на Европа и споредуваме промашени инвестиции, мегаломански проекти и малограѓански ветувања и промашувања. Српскиот претседател, гледаме, меѓу другото најавува правење 54 фонтани и тоа само во Белград, а по десетина и во неколку други градови низ Србија. Тоа што во повеќе градови нема чиста вода за пиење, во многу училишта нема тоалети и спортски објекти и така натаму… нема да го спречи проектот.
Тоа не е ништо, велам јас, нема ни во Македонија, ама да видите во Скопје колку споменици има. На мостови, на згради, на владини институции, на театри – главно во централното градско подрачје. И ги советувам ако дојдат во Скопје, да обрнат внимание на чевлите кои „ги носат“ најголемиот број од статуите. Сите се исти. Како да се од Чик, или од Баргала, или од Борово, или од Пеко, или… како и да е, некој со „копи и пејст“ се погрижил да не му ја мисли многу и барем за чевлите на статуите да не троши време, труд и напор. Од целата дискусија, излегувам како победник. Тоа што не се чувствувам славенички, е друга работа.
Идиоми и фрази
На маргините на Семинарот за иднината на дигиталните медиуми, разговараме за влијанието на странските, пред сè, на англиските зборови, идиоми и фрази во нашите јазици. И констатираме дека многу фрази директно сме ги превеле од англиски и ни влегле во секојдневниот јазик благодарение на политичарите, но и на нас, новинарите. Па кажуваме примери. На пример: „на крајот на денот“, „да бидам искрен“, „имајте убав ден“… се директно преведени од „at the end of the day, to be honest, have a nice day“ кои порано не се употребуваа во нашите јазици, а сега станале секојдневие. Една колешка кажува дека откако политичар во Србија изјавил оти е „песимистичен“, сега целиот печат е песимистичен, а таа е песимист дека ова брзо ќе се промени. Заклучуваме дека треба да имаме помош од лингвистите за зачувување на убавината на нашите јазици, како и за да можеме полесно да се снајдеме кога треба да објасниме нешто што е едноставно, а не го знаеме. Веднаш на памет ми паѓа една ситуација со бродска трка во која авторот опишуваше различни делови од бродот. Моиве Англичани, позната поморска сила, низ годиниве му дале име на секое делче од бродот, на секој метар од палубата, од коритото, од едрата, од кормилото, од… сè има свое посебно име. А јас веќе во претходната реченица ги наброив зборовите поврзани од брод што ги знам. А да, и кајче. И толку. Па ајде сега да ве видам, објаснете прецизно и во детали ако треба да го раскажете секој дел од бродот. Кој не е кајче со пента. Бесплатно.
Југославија во „Корчагин“
Балканското гостопримство е легендарно. Ве пречекуваат, ве поздравуваат, ве хранат. Со акцент на она – ве хранат. Добро, одам често во Македонија и таму е така, но сум заборавила колку во Србија се јаде – месо. Од утро до вечер. Прасеќе, телеќе, пилеќе – доѓите да се гојимо заједно, вели една реклама што се врти на радио. Кога побарав салата, мојот домаќин ми ја раскажа приказната за една Англичанка која во кафеаната „Валтер“ нарачала две ќебапчиња (2), а газдата потоа дошол и му рекол „немој ову више да ми носиш овде“.
Па кога си во Рим, ќе правиш како што прават римјаните. „Корчагин“ е ресторан во кој уште живее Југославија, нешто како „Кај Маршалот“ во Скопје, само уште дваесет пати поавтентично и се служи, погодувате – месо. Од сите страни ве гледаат Ленин, Ранковиќ, Сталин. И Тито во сите фази од неговиот развој. Месото се служи на скара и на килограми. А секој ден, специјалитет на денот е јадење карактеристично за земја што не го признала Косово. Македонски специјалитети нема. Ама имаше ајвар. Во кусата, но „содржајна“ расправија, келнерот ме убедуваше дека ајварот е српски специјалитет. Јас не се давав и тврдев дека Македонија, без оглед на Косово, ја имаат постојано на менито зашто без Косово можат, но без Македонија не можат. И затоа го имаат ајварот на менито. Не знам дали ме разбраа или не, ама не ми го наплатија ајварот.