На улицата „Кеј Вардар“ во Гостивар, денеска околу 12 часот и 30 минути, полицајци од Одделението за внатрешни работи Гостивар го привеле 38-годишниот М.А. од Тетово поради примање поткуп.
Како што е наведено во полицискиот билтен, како вработен во УЈП Тетово, М.А. побарал 300 евра од гостиварец за да не му биде затворен неговиот објект, откако пред една недела при контрола во објектот биле констатирани одредени законски недостатоци.
Побараните средства претходно биле крим-технички обработени и му биле дадени на М.А. кој се обидел да се ослободи од нив, но бил фатен и спречен во намерата. Тој бил задржан во Полициската станица Гостивар и во консултација и координација со Јавен обвинител од ОЈО Гостивар ќе му биде изготвен соодветен поднесок.