Земјите-кандидати за членство во ЕУ во иднина ќе преговараат за членство преку шест кластери во кои ќе бидат распоредени досегашните 32 поглавја, пишува „Дојче веле“.
Ветувајќи покредибилен и подинамичен процес, во верзијата на документот кој сѐ уште не е конечен, Европската комисија најавува дека со новата агенда ќе ја поддржи трансформацијата на земјите од Западниот Балкан во функционални пазарни економии кои ќе можат целосно да се интегрираат во заедничкиот ЕУ-пазар, ќе отвори нови работни места и можности, ќе ги подобри бизнис и инвестициската клима, ќе му даде особено значење на владеењето на правото и ќе го запре одливот на мозоци од регионот.
Конечната верзија на новиот план на Брисел за регионот и генерално за политиката на проширување ќе биде претставена утре.
Впечаток од последната верзија на документот до која дојде „Дојче веле“ е дека тој во голема мерка им удоволува на француските барања кои беа претставени во нон-пејперот на Париз во ноември минатата година. Двете клучни барања на Франција во тој документ беа заострување на условите и реверзибилност на процесот, и токму на тие прашања е ставен акцентот и во документот на ЕК.
Клучен фокус во идните преговори со ЕУ ќе биде ставен на фундаменталните реформи: владеењето на правото, функционирање на демократските институции и засилена контрола на економската реформска програма. Со нив ќе започнуваат и ќе завршуваат преговорите. Тоа ќе биде и првиот преговарачки кластер наречен „Фундаменти“, во кој ќе влезат пет досегашни поглавја.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.