Цивил бара одговори за луксузирањето на ДИК

164

Цивил – Центар за слобода повторно поднесе барањa за пристап до информации од јавен карактер до Државната изборна комисија, за кои не доби точни одговори, а се однесуваат на трошењето јавни пари за приватно луксузирање. 

Претходно, Цивил поднесе барање за информации од јавен карактер за трошењето јавни пари за 2016 и 2017 година во октомври 2017 година. Дел од прашањата се однесуваа на висината на поединечните месечни примања, бонусите, мобилните телефони, набавките и други прашања поврзани со законитоста на работењето на поранешните членови на Државната изборна комисија, како и за годишните буџети за 2016 и 2017.

– Одговорот од ДИК беше дека нашите барања не се информации од јавен карактер. Со оглед на фактот дека оставките на членовите на ДИК кои следеа набргу и контроверзните изјави на членовите на оваа институција, го потврдија фактот дека барањата на ЦИВИЛ се релевантни. Јавноста има право да знае! Иронично, на Глобалниот ден на изборите, Цивил доби одговор од ДИК дека процедурата со барањето е завршена, а доколку сме заинтересирани, „како незадоволна странка“, може повторно да поднесе барање со истите прашања, а стручната служба на ДИК ќе се произнесе повторно по барањето – велат од Цивил.

Затоа, Цивил поднесе обновено барање, со скратена листа прашања и тоа оние прашања кои се однесуваат на јавните набавки, вклучително и мобилните телефони за членовите на ДИК, патните трошоци и репрезентацијата. Воедно, Цивил ја потсети оваа институција на законската обврска да ги објавува финансиските извештаи на својата веб страница. 

Државната изборна комисија има обврска најдоцна 30 дена од приемот на барањето да одговори позитивно или негативно по барањето на Цивил. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...