Од амбасадор на земјава во Европската Унија, до кандидат за претседател на Македонија, па сè до министер за евроинтеграции во Владата на Косово. Вака отприлика изгледа политичката патека по која низ годините чекореше универзитетскиот професор Блерим Река, а која, на крајот, сепак го одведе во престолнината каде што тој ги поминал своите студентски денови.
„Од денеска во Владата на надежта, како министер за европска надеж. Со среќа Косово!“, напиша Блерим Река на својот профил на Фејсбук откако новиот косовски премиер Албин Курти и официјално го назначи за министер за европски интеграции во косовската Влада.
Но, ваквиот потег отвори прашалници во јавноста за тоа дали Река има право да биде министер во друга држава, со оглед на тоа што лани беше кандидат за претседател на Македонија. Но, политичките аналитичари тврдат дека овие две работи не треба да се мешаат и дека во случајов не постои никаков конфликт на интереси.
Политичкиот аналитичар Насер Зибери за Плусинфо открива дека Река има двојно државјанство и дека има куќа во Косово, како и дека членови на неговото семејство веќе неколку години живеат во Приштина. Како што објаснува Зибери, не само што не постои конфликт на интереси во назначувањето на Река за министер во Владата на Курти, туку од овој потег ќе имаат огромна корист и Приштина и Скопје.
– Потеклото на Блерим Река е од Косово и тој има двојно државјанство, па јас не гледам никаква пречка во неговото назначување за министер за евроинтеграции во косовската Влада. Напротив, од таквиот потег корист ќе имаат и Македонија и Косово, бидејќи Река има добри конекции и со Скопје и со Приштина. Исто така, не треба воопшто да се зборува дали Река е компетентен за да ја извршува министерската функција, бидејќи тој е долгогодишен професор по меѓународно право, а беше и амбасадор на Македонија во ЕУ – вели Зибери.
И аналитичарот Петар Арсовски не гледа проблем во тоа Река да биде министер во друга држава.
– Не гледам конфликт на интереси во тоа што Река е назначен за министер за евроинтеграции во Владата на Косово, а и самите закони го дозволуваат тоа. Мислам дека ќе имаше конфликт на интереси ако тој станеше претседател на Косово со оглед на тоа што лани беше кандидат за претседател на Македонија. Впрочем, министерската функција е стручна работа и затоа сметам дека двојното државјанство нема воопшто да му претставува хендикеп на Река – објаснува Арсовски за Плусинфо.
Река е универзитетски професор по меѓународно право и беше кандидат за претседател на Македонија на претседателските избори во 2019 година. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина, а докторирал на Универзитетот во Грац, Австрија. Од 2006 до 2010 година беше македонски амбасадор во ЕУ, како и декан и проректор на Факултетот за јавна администрација во Универзитетот на Југоисточна Европа. Исто така, Река беше дел од тимот на експерти кој го напиша нацртот на Уставот на Косово под надзор на Обединетите нации, а до 2001 година бил и основач и претседавач на Уставниот форум на Приштина. Тој во Косово има основано повеќе невладини организации, а бил и дел од бордот на директори на Косовската радиотелевизија.