ВМРО -ДПMНЕ предложи тим од професори од Правниот факултет да го напишат законот за обвинителство ВИДЕО

620

ВМРО-ДПМНЕ предлага формирање тим од врни експерти кои што ќе работат на изготвување на Законот за јавното обвинителство меѓу кои ќе бидат вклучени професорите по уставно и казнено право  Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева Гордана Лажетиќ.

– Ајде сите заедно да бидеме зрели, да се издигнеме над партиските интереси и да бидеме заедно со државните интереси и интересите на граѓаните. Ајде професорите и експертите вклучени во јавната расправа да изготват решение коешто еве јавно пред македонската јавност кажуваме и се обврзуваме дека ВМРО-ДПМНЕ безрезервно ќе го подржи, а истото да го поддржи и власта, која на тој начин ќе застане рамо до рамо со честитоста и вистината пред граѓаните, а заедно ќе покажеме дека се ставаме над партискиот интерес. Да се однесуваме зрело и одговорно, европски. Еднаш партиите да дадат шанса на експертите.

Ова денеска на прес конференција го предложи Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.


– ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку е против партиски закон за јавно обвинителство со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Затоа предлагам законот за јавно обвинителство да дојде од експертите и професорите од Правниот факултет кои имаа релевантност и искуство од оваа материја и беа дел од јавната дебата. Професионализамот да го ставиме над партиските интереси, а законот кој тие ќе го предложат безрезервно и без двоумење ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати – порача Мицкоски.

Државата не смее да назадува, додаде Мицкоски, поради отпорот на еден човек и неговиот страв од одговорност.

– Ако некој има илузија одложувањето на изборите нема да го спаси од одговорност Заев, туку само ќе ја продлабочи кризата во која што се наоѓаме. Утре Заев по овој пример може да си донесе одлука дека не важи судот, да го укине обвинителството или да се додели еднострано вечен мандат, но тоа не е патот по кој што државата треба да се движи. Да престанеме со притисоци врз претставниците во законодавниот дом, без разлика на која партија и припаѓаат. Да престанеме да го разочаруваме и онака веќе разочараниот македонски граѓанин, затоа што чуму ни се тогаш избори ако со притисок едноставно може да се боксуваат законски решенија во рамките на законодавниот дом.

Не е само до законот, туку до неморалот на политичарите и спрегите на мафијата со судството и политиката, а тоа зависи од интегритетот на личностите. Ако има вистински луѓе на вистински места тие ќе се борат против корупцијата, ако е како сега тогаш ќе купуваат време и ќе молчат додека цели нивни претставници во партијата, целиот партиски врв плива во корупција.

Им се обраќам директно, вие сте проблемот, вие сте корумпирани со лични интереси и обврски кон мафијашки и други структури. Тие ве донесоа на власт. Затоа имаме конкретна понуда и при одлуката нека не се водат за својот, туку за интересот на државата. Време е да се остават суетите и стравовите на страна и да се носат одлуки кои се најдобри за граѓаните на Македонија.

Да донесеме закон со кој вистински ќе се бориме против корупцијата и криминалот – рече Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...