Построги мерки на влез во Грција, итнo вработување лаборанти и лекари за превенција од корона вирусот

Сметаме дека постои веројатност да се појави случај во следните три седмици и затоа потребна е претпазливост, рече тој и додаде дека досега, во Грција биле испитани 28 сомнителни случаи од кои само еден навистина бил сомнителен, а сите биле негативни на коронавирусот - рече професорот Циодрас.

667

Построги мерки на влезовите во земјата; формирање Меѓусекторска комисија на ниво на генерални секретари и генерални директори од министерства за подобра координација; овластување на Националната организација за јавно здравје, да се вработи, по итна постапка, персонал за зајакнување на лабораториите, на болниците со лекари и сл, се дел од мерките за превенција и справување со корона вирусот, донесени за време на состанокот на Националниот совет за јавно здравје одржан во Министерството за здравство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за здравство, Василис Кикиљас, освен што ги соопшти мерките по состанокот, повика на одговорно информирање за конкретното прашање кое, како што рече е чувствително и се однесува на целото грчко општество.

Претседателот на грчката медицинска асоцијација Атанасиос Ексадактилос и професорот по патологија и инфективни заболувања Сотирис Циодрас, кој воедно е и надлежен за корона вирусот во министерството, по состанокот, порачаа дека нема потреба од паника.

– Постојат доволни мерки за проблем што не постои. Немаме пациент во Грција. И правиме сè, за во случај да се појави пациент да се справиме како што треба. Коронавирусот има многу ниска смртност и не треба да има паника. Веројатноста, некој да има многу лош исход од него се многу мали – близу 98 отсто според податоците што досега ги имаме – и веројатно е дека ќе има добар завршеток, рече претседателот на грчката медицинска асоцијација.

Професорот Циодрас, пак, рече дека е „време е за научни факти, а не за страв и шпекулации“ и повика на претпазливост.

– Врз основа на досегашните податоци, сметаме дека постои веројатност да се појави случај во следните три седмици и затоа потребна е претпазливост, рече тој и додаде дека досега, во Грција биле испитани 28 сомнителни случаи од кои само еден навистина бил сомнителен, а сите биле негативни на корона вирусот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...