Спасовски очекува избори на 12 април, но пред тоа консензус за законот за ЈО

Премиерот рече дека не верува во одложување на изборите, но и доколку се одложат, според него, тие некогаш ќе се одржат, дали тоа ќе биде после месец или два, затоа што, истакна тој, европските перспективи мора да дојдат час поскоро.

187

Очекувам да има избори на 12 април, сепак мора да има консензус за законот за јавно обвинителство. Очекувам пратениците да бидат на висина на одговорноста која ја имаат пред граѓаните и државата дека низ еден договор може да се постигне тоа. Разговараат пратеничките групи и се создава простор, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски во „Топ тема“ на телевизија Телма.

Премиерот рече дека не верува во одложување на изборите, но и доколку се одложат, според него, тие некогаш ќе се одржат, дали тоа ќе биде после месец или два, затоа што, истакна тој, европските перспективи мора да дојдат час поскоро.

– Нема потреба од формирање на било каква преодна влада. Посакувам оваа да биде последната. Треба да покажеме дека не отстапуваме од организирање регуларни избори. Условите од претходната пржинска влада и сега не можат да се споредат–  потенцира Спасовски.

Во врска со гласањето на законот за јавно обвинителство, тој рече дека се надева на секој еден пратеник во Собранието затоа што „одговорноста за иднината на државата, за иднината на граѓаните во оваа држава лежи подеднакво кон сите и нема значење тука дали некој пратеник е на парламентарното мнозинство или на опозицијата или припаѓа на една или друга политичка партија или е независен пратеник“.

Спасовски вели дека гледајќи низ призмата на сопствениот интерес, како држава и како граѓанин, смета дека сите треба да бидат многу заинтересирани за да се донесат важните законски решенија.

– Доколку не се затворат овие прашања тогаш ќе седнеме и ќе разговараме. Сепак голем оптимист сум дека ќе има консензус како за законот за ЈО така и за останатите. Непостигнувањето ќе донесе разочарување, на влезот во ЕУ се работи 28 години и сето тоа како цена го плаќаат граѓаните. Законот за ЈО не е услов, но важно е да дадеме што повеќе позитивни аргументи, во однос на реформите, за да бидеме во подобра позиција – рече Спасовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...