Синдикат на Клинички центар: Со сите сили ќе се спротивставиме на постапката за формирање нелегитимен синдикат

Катедрата по трудово право на Правниот факултет „Јустинијан први“, Скопје, треба на Ректорот да му укаже дека членот 220 на кој се повикува (за него очигледно единствениот од ЗРО) не го иззема универзитетот како можен потписник на поединечен колективен договор, туку напротив како орган овластен од основачот (Собрание на РСМ) го утврдува неговото право да потпише поединечен колективен договор.

267

Почитуван министер за образование и наука, г-дине Арбер Адеми, на состанокот со претставниците на СОНК и Независниот академски синдикат – НАкС сте изјавиле дека „не сте иницирале и не сте одговорни за основање синдикати на јавните универзитети, и не стоите зад незаконската постапка за формирање на синдикатите“.

Според дописот на Генералниот секретар на УКИМ, Вие сте иницијатор и оној кој побарува основање синдикат на УКИМ, а според првичната изјава на Ректорот на УКИМ сте еден од учесниците во одлуката за основање синдикат на УКИМ со цел за покачување на платите од 10 отсто, донесена заедно со Ректорите на јавните универзитети, соопшти денеска Извршниот одбор на Синдикатот на Клинички центар.

Ректорот на УКИМ во понатамошните изјави Ве посочува како главен иницијатор на постапката за нелегитимното основање на Синдикат на вработените во УКИМ. Истовремено, Ректорот на УКИМ повторно со неговото толкување на одредбите од Законот за работните односи погрешно ја информира јавноста.

Ги замолуваме неговите правни советници, првенствено поради институцијата која ја претставува, да му укажат на правната регулатива и толкување на член 195 од ЗРО, пред да ги квалификува како неосновани нападите на ректорите на универзитетите од страна на синдикатите и академската јавност.

Катедрата по трудово право на Правниот факултет „Јустинијан први“, Скопје, треба на Ректорот да му укаже дека членот 220 на кој се повикува (за него очигледно единствениот од ЗРО) не го иззема универзитетот како можен потписник на поединечен колективен договор, туку напротив како орган овластен од основачот (Собрание на РСМ) го утврдува неговото право да потпише поединечен колективен договор. Покрај ова, да му се укаже дека согласно законот потписниците на поединечните колективни договори се социјални партнери, а не спротивставени страни.

Во последната изјава, која досега никој не ја демантирал, Ректорот на УКИМ наведува дека “на вчерашната средба со премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката Мила Царовска, министерот за образование и наука Арбер Адеми и ректорите на јавните универзитети било соопштено дека техничката влада во овој момент се враќа на првобитниот став, предложен од ректорите, дека зголемување од 10 отсто ќе се реализира со измена на соодветен закон. Исто така, договорено е во меѓувреме новоформираните синдикални организации на универзитетите да продолжат со нивните активности“.

По кои одредби од ЗРО власта и работодавачите на своите средби имаат право да даваат дозвола на синдикални организации да продолжат со нивни активности.

По донесената одлука покачувањето на платите на вработените во високото образование од 10% да се реализира со измена на соодветен закон се доведува во прашање искреноста и целта на тие што учествувале во нелегитимната иницијатива и постапка за основање на синдикат на вработените во УКИМ.

Дали под изговорот за „покачување на платите од 10% власта сакаше, а со договореното на средбата и понатака сака да формира синдикат во високото образование кој ќе биде под нејзина контрола.

Со ваквите постапки, покрај претходното, повторно се врши раслојување на членството на Синдикатот на Клинички центар, сега помеѓу докторите. Можда и покачувањето на платите на наставно-научниот кадар од 20%, а не 25% било со некоја цел.

Ќе повториме дека безмалку целиот наставно-научен кадар на Универзитетските клиники и институти, Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ Скопје, како и скоро целиот наставно-научен кадар на Медицински факултет, УКИМ, Скопје се членови на Синдикатот на Клинички центар со што е извршен директен упад во нашиот синдикат.

Во интерес на своето членство, Синдикатот на Клинички центар со сите расположливи средства и сили оштро ќе се спротистави на оваа иницијатива и постапка за формирање на овој нелегитимен синдикат.

Деканот на Медицински факултет, УКИМ, Скопје веднаш да ги прекине сите активности околу формирањето на овој нелегитимен синдикат и стекнатите пристапници да ги поништи.

Во спротивно, Синдикатот на Клинички центар ќе биде принуден да ги извести надлежните институции за оваа незаконска постапка која ја спроведува Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...