Во четврток пресуда за убиството на струмичанецот чие тело беше пронајдено во браната „Турија“

235

Пресудата за обвинетиот Марјанчо Велев (54) од струмичкото село Добрејци, кој е обвинет за убиство извршено на 7 мај лани врз струмичанецот Ристо Иљашев, ќе биде соопштена в четврток во Основниот суд во Струмица.

Одлуката ја донесе судијката Цона Калемерникова, откако денеска заврши последното рочиште и беа дадени завршните зборови на обвинителството и одбраната на обвинетиот.

Според обвинението, Марјанчо Велев се товари за убиство при што од зад грб пукал со малокалибарско оружје од непосредна близина во главата на Иљашев и потоа неговото тело го завиткал и го фрлил во браната „Турија“, затворено во метално буре, во кое ставил тегови и го исекол со секира за да може да пропадне во водата.

Застапникот на обвинението, обвинителката Надица Василева, побара од судот да го прогласи обвинетиот Велев за виновен и да му изрече соодвета казна за стореното дело, бидејќи тој бил пресметлив и свесен за извршеното дело. Обвинителката изнесе повеќе докази во завршниот збор, а беше објаснета и траекторијата на движењето на Велев на денот на убиството регистрирана од безбедносни камери од повеќе објекти.

Според адвокатите на Велев, обвинителството нема докази дека тој е извршител на убиството врз Иљашев, бидејќи меѓу другото нема пронајдено барутни честички кај него, ниту пак е направена парафинска ракавица.

Адвокатите Зоран Молчанов и Душко Јанковиќ побараа од судот да донесе ослободителна пресуда за нивниот клиент и како што рекоа, можниот убиец на Иљашев може се шета низ Струмица или надвор од државата, а му се суди на невин човек.

И обвинитетиот  Марјанчо Велев во својот завршен збор рече дека е невин посочувајќи дека „сам човек не може тоа да го направи“.

– Сам човек да го симне бурето долу и да го фрли е невозможно и тоа можат да го  направат минимум двајца или тројца. Мене совеста ми е чиста. Господ ми е над мене. Ниту сум пукал, ниту сум убил. Не можеш да убиеш човек без оружје и без парафинска ракавица – рече обвинитетиот Велев во својот завршен збор.

Полицијата го сомничи Велев дека е сторител и на уште едно убиство врз шеесет и двегодишниот А.М.,извршено на 9 октомври 2018, а телото на убиениот затворено во камионски резервоар за гориво беше извадено од браната „Турија“ на 5 август лани. За овој случај ОЈО Струмица се уште нема покренато обвинение.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...