Наскоро ќе бараме локација за карантин, тој што се враќа од Кина треба да се гледа во огледало

Ќе мора и за карантин да се дискутира на еден од наредните состаноци на Комисијата, што деновиве треба да ги одржиме. Засега, протоколот предвидува здравите лица кои се враќаат од Кина да бидат дома на самоопсервирање (самонабљудување), истакна д-р Босилковски.

1541
FOTO MIA

И локација за карантин ќе се бара наскоро и кај нас поради ситуацијата со ширењето на Корона вирусот во повеќе земји и евентуалната опасност смртоносната зараза да се „увезе“ и во нашата земја, потврдуваат од Комисијата за заразни болести која деновиве треба да одржи состанок и со оваа точка на дневниот ред.

Во постојниот алгоритам, како што дознаваме, не бил предвиден карантин. На пример, во Франција, за карантин е прогласена воена база каде по слетувањето на авион од  Кина две недели треба да престојуваат патниците. Токму вчера од оваа земја, каде е жариштето на новиот смртоносен вирус кој досега оденесе повеќе од 300 животи, се вратија група патници, меѓу кои, освен од Франција, имаше и патничка од Србија и од други земји.

Во врска со тоа имаме ли определено локација за карантин, и дали таа би се наоѓала во близина на скопскиот аеродром или можеби во близина на Инфективната клиника, претседателот на Комисијата за заразни заболувања, проф. д-р Миле Босилковски за Плусинфо објаснува:

– Ќе мора и за карантин да се дискутира на еден од наредните состаноци на Комисијата, што деновиве треба да ги одржиме. Засега, протоколот е дека здравите лица кои се враќаат од Кина да бидат дома на самоопсервирање (самонабљудување), затоа се делат и брошури со телефони од епидемиолозите и со симптоми на зараза со Корона вирусот. Среќа е што во земјава ретко доаѓаат патници директно од Кина, туку се враќаат преку други земји, каде го поминуваат карантинот – појаснува д-р Босилковски.

На Клиниката за инфективни болести деновиве немало пациенти кои барале преглед  од страв дека можеби добиле симптоми на инфекција со новиот корона вирус.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...