
Тешко дека законот за ветинг на политичари, судии и обвинители предложен од ДУИ ќе влезе во собраниска процедура пред распуштањето на парламентот. Владиниот партнер СДСМ денеска треба да заземе став за законот. Од партијата на Зоран Заев брифираат дека законот е разгледуван на политичко ниво и дека пратеничката група на СДСМ допрва ќе го анализира предлог текстот. Дилемата на социјалдемократите е законот за ветинг предложен од интегративците да не создаде „преки суд“ за политичарите, судиите и обвинителите.
– Законот е разгледуван на политичко ниво, пратеничката група допрва треба да го анализира. Денес на координација ќе видиме дали воопшто има време до 12 февруари предлог-законот да влезе во собраниска процедура. Има повеќе заостанати закони кои се битни, а утре има нова пленарна седница со нови точки и на 11 е ратификацијата за НАТО. Законот мора добро да го анализираме зашто битно е да не се направи удвојување на институции. Ние имаме институции кои врашат проверка на имотот на функционерите, како и на судиите и на обвинителите. Важно е да не се направи „преки суд“. Во секој случај потребно е да се отвори дебата, да има јавна расправа, но не знам дали сега за тоа има време – брифираат за Плусинфо од пратеничката група на СДСМ.
Пратеничката група на ДУИ минатата недела го достави до Собранието долгонајавуваниот закон за ветинг по скратена постапка.
Законот за агенција за контрола на носители на јавни функции и кандидатите за носители на јавни функции предвидува избор на регулаторно тело во Собранието кое ќе прави проверка на политичарите, сите носители на јавни функции, судиите и на обвинителите. Законот предвидува контрола на сите актуелни функционери, но и на тие кои ќе се кандидираат за функција, пред да се изберат, како и објавување на потврда со јавни информации за секој кандидат.
Според ДУИ, ова ќе овозможи целосна транспарентност и информирање на граѓаните за кандидатите за носители на јавна функција пред да се гласа за нив и пред да бидат избрани и ја спречува пропагандата, лажните вести и клеветите.
ДУИ ги повика сите пратеници и политичките партии кои се ангажираат за некомпромитирани лица во политиката, судовите и обвинителството да го подржат предлог законот.
За СДСМ спорно е токму регулаторното тело кое ќе треба да го врши ветингот, а кое според предлог законот на ДУИ, треба да го избере Собранието. Стрсавувањата се да не дојде до удвојување на институциите кои веќе вршат проверка на политичарите, судиите и обвинителите.
Опозицијските партии на Албанците велат дека поддржуваат ветинг, но дека е смешно таквата иницијатива да доаѓа од ДУИ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не успеавме да добиеме став.