АД ЕСМ во средата објави повик за претквалификација за инженеринг, набавка и изведба – ЛОТ1 (ветерни турбини и фундаменти) и ЛОТ2 (пристапни патишта, кабелска мрежа) за проектот Парк на ветерни електрани Богданци, втора фаза. Рокот за доставување на апликациите на заинтересираните за учество во претквалификацијата е 2 март 2020 година.
-АД ЕСМ ги информира сите заинтересирани компании да се пријават на порталот за е-набавки на GTAI (Germany Trade & Invest) која е економска развојна агенција на Сојузна Република Германија (www.gtai.de). Заинтересираните компании треба да се регистрираат на порталот во делот наменет за проекти финансирани со кредити од KfW банка и да изразат интерес за овој проект. Набавката и евалуацијата ќе се изведуваат според правилата на KfW банка. Условите за учество се вклучени во документите прикачени на порталот – информираат од Компанијата.
Со втората фаза, додаваат, се врши зголемување на капацитетот на постоечкиот Парк на ветерни електрани Богданци за дополнителни 13,2 до 15 мегавати. Планирана инвестиција на проектот е 21 милиони евра, од кои 18 милиони евра од германската KfW банка и три милиони евра средства на АД ЕСМ.