Трајанов: Да се свика Советот за национална безбедност за опасниот отпад

106

Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов смета дека претседателот на државата треба да го свика Совет за безбедност за да им се дадат насоки на надлежните институции и да се формира оперативно координативно тело што ќе истражи кој и каков отпад внесува во државата зашто тоа, како што рече, тоа е најпрофитабилен бизнис и со сите зделки од увозот раководи мафијата.

– Во нашата држава се внесува опасен отпад. Со загадувањето се прави своевиден геноцид врз граѓаните и се загрозува националната безбедност. Затоа ова прашање мора да биде од највисок приоритет. Треба да се вклучи Агенцијата за разузнавање зашто отпадот, нафтата, нафтените деривати, доаѓаат од странство. Треба да се соберат информации од странство. Треба да се вклучат одделите на МВР за организиран криминал, Финансиската полиција, УЈП и Агенцијата за национална безбедност зашто ним им се на располагање сите методи и технички средства да разоткријат евентуална злоупотреба на отпад или други енергенси што пристигнуваат во државата. Сите тие да формираат силно оперативно координативно тело што ќе работи на попречување на загадувањето. Ова е борба со мафијата која располага со отпадот – изјави Трајанов пред почетокот на трибината што ја организираше неговата партија.

Додаде дека и нафтата и мазутот што се користат во земјава не се според стандардите и дека деновиве, како што рече, има силни информации дека во нашата држава и во Косово се увезува масло за кое анализите на хрватските власти покажале дека е канцерогено, а илјадници тони се  веќе внесени во нашата држава.

 

– Затоа апелираме да се вклучат, да не ги контролираат само декларациите, туку клучно е товарот и тоа што се внесува во државата. Првпат е направена контрола на отпадот за енергенс што доаѓа од Италија преку солунското пристаниште. Над четири илјади тони се стигнати во текот на минатата година. Никој нема точна евиденција колку отпад е внесено во Македонија, а освен цементарница „Усје“, веројатно има и други фирми што користат отпад како енергенс. Исто е и со нафтата и нафтените деривати. Се знае за една компанија зад која стои една силна политичка партија која ги добива сите тендери за снабдување со нафта и мазут, и тоа со ниски цени – истакна лидерот на Демократски сојуз.

На трибината, насловена „Мафијата и загадувањето“, учествуваше и Невена Георгиевска, претставник на Граѓанската иницијатива О2, која побара Собранието итно и пред распуштањето да го стави на дневен ред предлогот за измената на Законот за управување со отпад, предложен од партијата ДОМ.

 

Предложената измена за забрана за увоз се однесува на отпад како енергенс, не како суровина, но понатаму, како што рече таа, ќе бараат повеќе. Многу соседни земји имаат забрана на секаков отпад.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...