Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не достави амандмани за новиот закон за јавно обвинителство. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски при денешната посета на Радовиш истакна дека суштински треба да се гледа на овој зако и во новиот закон да се внесат забелешките од експертите дадени на дводневната јавна расправа во Собранието.
– Кажаа што мисли фелата, експертската јавност, како треба еден реформски закон да изгледа и што не е во согласност со Уставот. Ниту Зоран Заев, ниту Рената Дескоска се секунданти, ниту луѓе коишто поднесуваат ултиматуми, ниту пак ние сме луѓе коишто ултиматуми прифаќаат. Така што, сите оние експертски забелешки што можеше да ги слушне министерката Дескоска, господинот Зоран Заев можат едноставно преку институциите, коишто ги владеат, а тоа е предлагачот, во овој случај Министерството за правда, да ги преточат во амандмани, во содржина на законско решение и истото тоа законско решение да го поднесат во рамките на процедурите на Парлмаентот и ние како ВМРО ДПМНЕ ќе ги поддржиме – рече Мицкоски.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, е јасен, гласен и прецизен по оваа прашање, а тоа е дека ќе поддржат сè што кажаа експертите.
-Не можеме ние политичарите да бидеме поголеми експерти од експертите, коишто практично го посветиле својот живот на оваа проблематика. Тие имаа јасни и недвосмислени ставови, додаде лидерот на опозициската партија.
Ги повика Дескоска и Заев да излезат, како што рече, од тесно партиските интереси и да работат за општиот интерес на државата.