Велика Британија одлучи да повлече дел од својот персонал во амбасадата, како и од неколку конзуларни претставништва во Кина, поради опасност од коронавирусот, соопштија властите во Лондон.
– Од денеска некои дипломати од британската амбасада и од конзулатите ќе бидат повлечени од Кина. Евакуацијата нема да го наруши составот на мисиите, бидејќи остануваат оние лица кои се неопходни за функционирање на дипломатските претставништва. Доколку се влоши ситуацијата, можностите на британската амбасада и конзулатите да им помогнат на британските граѓани во Кина веројатно би биле ограничени, се наведува во соопштението.
Пред неколку дена, истите мерки ги презедоа и САД. Од Вашингтон беше испратена наредба сите лица под 21-годишна возраст, чии семејства работат во американските дипломатски мисии во Кина, веднаш да ја напуштат земјата.