Бројот на починати од коронавирусот се зголеми на 259, а речиси 12.000 лица се заразени низ светот.
Новиот вирус ги опустоши градовите во Кина, каде низ улиците речиси да нема никој.
Во Хонгконг продавниците се главно затворени, прекината е наставата во училиштата, а на вработените им е овозможено да работат од дома.
Поради страв од вирусот, голем број граѓани не излегуваат од своите домови, а во аптеките и продавниците е распродадена целата стока. Оние „похрабрите“ кои се движат низ улиците и извршуваат секојдневни активности носат заштитни маски.
Претставникот на Светската здравствена организација за Кина, Гауден Галеа изјави дека сообраќајните и трговските забрани се непотребни, додавајќи оти државите пред се треба да се фокусираат на идентификување на вирусот и да одговорат на избивањето на епидемијата.
Во кинеските градови продолжува примената на посебни мерки, а тим предводен од премиерот Ли Кечијанг најави дека работата ќе ја координира со локалните власти.
Новиот коронавирус се појави во декември минатата година прво во кинескиот град Вухан, од каде се прошири и во други градови во Кина и низ светот.