Утре до 12 часот политичките партии да поднесат амандмани, а потоа најверојатно до понеделник ќе биде одржана нова средба, на која ќе се разговара кои од амандманите ќе бидат прифатени. Ова го истакна министерката за правда Рената Дескоска по завршување на денешната средба на работната група на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, на која присуствуваа претставници од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Дескоска рече дека ВМРО-ДПМНЕ на средбата не дале амандмани, туку прочитале забелешки од различни ескперти што произлегоа од јавната расправа.
– Ние отворивме и дебата за толкувањето на определени ставови на експертите и видовме дека има различно читање на одредени ставови, така што се побара од нив да подготват амандмани исто како и другите политички групи што доставија и тоа да го направат до утре до 12 часот – рече Дескоска.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски предлага Министерството за правда да ги повика правните експерти кои дале мислење на расправата за законот и со нив да изготват амандмани. Тој рече дека се подготвени за нови средби.
ВМРО-ДПМНЕ, како што изјави по средбата Милошоски, нема намера да изигрува експерт и затоа предност им дава на правните експерти. Смета дека амандман подготвен од експерти е подобар од амандман подготвен од политичка партија.
Денешната средба следува по дводневната јавна расправа на која претставници на политичките партии и експерти од оваа област имаа можност да ги изнесат своите забелешки. Министерството за правда најави дека дел од нив ќе бидат вградени во предложеното законско решение кое треба да се најдат на собраниска седница доколку политичките партии денеска ги усогласат ставовите.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери вчера изјави дека има деловничка можност Предлог-законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.
– Има таква деловничка можност – изјави Џафери на средбата со новинарите, додавајќи дека сè зависи од волјата на парламентарниот состав.
На неопходноста од донесување на законот за ЈО укажуваат и владините претставници и меѓународната заедница.
Новиот Предлог-закон за јавно обвинителство се очекува да биде донесен до 12 февруари, кога треба да се распушти овој собраниски состав. За неговото донесување неопходно е двотретинско мнозинство.