Со повеќе од 130 компании – членки, Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија станува значаен репрезент на компаниите со странски капитал во земјава. Тоа го потврдуваат сѐ поголемиот број активности кои ги спроведуваме во рамките на Советот, од една страна, но и сѐ поголемиот број компании кои сакаат да станат дел од оваа асоцијација, од друга страна.
Еден интересен факт, кој потврдува дека ова тело навистина ја добива вистинската улога во системот, е се поизразениот интерес на државните институции за средби со компаниите од Советот на странски инвеститори, со цел да ги слушнат предизвиците со коишто се соочуваат странските инвеститори во земјава и нивните предлози, барања и препораки за нивно надминување. Минатата година, на пример, не постои случај побарана средба со Владата или надлежните министерства да биде одбиена. Напротив, веднаш по поднесено барање, средбите со Советот на странски инвеститори се организирани на највисоко ниво. Такви беа средбите со премиерот и надлежните министри околу Иницијативата за спречување на масовната миграција на младото работоспособно население и обезбедување кадар во согласност со потребите на бизнисот, средбите во Комората и во Владата со Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство околу барањата за укинување/намалување на царинските стапки на одредени репроматеријали од увоз, како и за други прашања поврзани со трудовото законодавство.
Дури и во услови кога имаме техничка влада, нашата комуникација и активности продолжуваат, па така, на барање на вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, оваа недела, на 31 јануари имаме средба со членките на Советот на странски инвеститори, во функција на истата цел – да се слушнат состојбите и проблемите на странските инвеститори во земјава и да им се излезе во пресрет на нивните барања, потреби и предизвици.
Верувам дека ваквата пракса ќе продолжи и понатаму, но исто така верувам и дека соработката ќе се продлабочи, во смисла на соодветна реализација на договореното на самите средби. Интересен феномен е што имаме невидено добра комуникација и разбирање со носителите на највисоките функции во извршната власт, но работата „запнува“ на пониско ниво, односно во делот кога она што било договорено треба да се спроведе од пониските ешалони на државната администрација … Доколку овој проблем се надмине, дефинитивно ќе можеме да констатираме дека проблемот со функционалноста на државната администрација е надминат и дека можеме заеднички да придонесеме во јакнење на довербата во институциите на системот – нешто што е особено важно за функционирање на правната држава, а што, уште во август минатата година, на Трибината за владеењето на правото како императив за стабилни и предвидливи услови за водење бизнис, беше констатирано како една од клучните препораки.
Во наредниот период Советот на странски инвеститори ќе се насочи кон анимирање на сите можни пунктови што можат да креираат дополнителна вредност за своите членки. Советот на странски инвеститори е фокусиран на исполнување на приоритетните критериуми за обезбедување поволна клима за водење бизнис, инкорпорирани во „Белата книга 2018“, преку мониторирање и оценување на регулаторната рамка за имплементација на објавените препораки. Со оглед на политичките случувања во изминатиот период и приоритетите на Владата на Република Северна Македонија на надворешно-политички план изостана реален напредок и конкретна реализација на барањата на странските инвеститори за унапредување на бизнис климата. Имајќи предвид дека по објавувањето на Белата книга, вообичаено Советот организира и конференција на која се објавува исполнетоста на барањата од Белата книга, се планира и при крајот на 2020 година да биде организиран таков настан, на кој, Советот ќе ја оцени исполнетоста на следните пет приоритети од севкупните барања и иницијативи на Советот:
1) Реализација на иницијативите во делот на даночната политика
2) Структурни реформи во системот на формално образование
3) Учество на најрепрезентативните претставници на бизнис заедницата во Економско-социјалниот совет
4) Консултација со деловната заедница при подготовка или менување на регулативата
5) Сузбивање на корупцијата и неформална економија.
Во насока на градење функционална државна администрација, која ќе биде вистински сервис на приватниот сектор, наместо обратно, а имајќи го предвид и фактот дека приватниот сектор треба да биде генератор на економскиот раст, преку институционалните форми на делување во Комората, како што е Советот на странски инвеститори, Клубот на извозници, но и поновите институционални форми кои се развиваат забрзано овој период, како што е Клубот на менаџери претприемачи, и понатаму ќе инсистираме на спроведување на неопходните структурни реформи кои значително ќе ја зголемат ефикасноста и продуктивноста на севкупното стопанство и ќе создадат предвидлива и одржлива деловна средина во која ќе се воспостават еднакви правила за сите чинители и, истовремено, тоа ќе придонесе за дополнително зацврстување на приватниот сектор.
Динамичната промена на економските околности и на условите на стопанисување, непосредно влијаат и на динамиката на активностите на споменатите институционални форми на делување во Комората, кои по својот состав обединуваат различни сектори поврзани преку една специфична заедничка цел: извоз, инвестиции, јакнење на конкуретноста, продуктивноста и поттикнување на претприемништвото. ..Во таа насока, перманентното и континуираното следење и анализирање на економските состојби во земјата, врз основа на што ќе се преземаат и предлагаат мерки за подобрување на инвестициската и деловната клима во земјата и натаму ќе претставува една од приоритетните активности на овие понови формации. Со други зборови, за подобрување на ефикасноста во работењето, и ние како Комора правиме промени во начинот на дејствување, па така, согледавме дека Советот на странски инвеститори, Клубот на извозници, Клубот на менаџери претприемачи и уште неколку слични чадор организации во рамките на Комората кои се развиваат со засилено темпо), се покажаа како пофункционален метод за делување во наредниот период, заради остварување на стратешките определби и потреби на соодветните интересни бизнис-групи обединети преку една заедничка цел. Веројатно тоа соодветно ќе ги поттикне и промените кои треба да се направат и на ниво на државната администрација, заради пофункционални државни институции.
Авторот е Главен Советник на УО на Стопанската комора на Македонија за правни прашања
ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија