СДСМ на вечерашната седница на централниот одбор започна постапка за избор на кандидати за пратеници за претстојните предвремени парламентарни избори. Лидерот на партијата Зоран Заев по седницата изјави дека процесот за избор на кандидати ќе биде транспарентен, инклузивен и професионален со цел да се изберат најодговорни, чесни и професионални личности кои уживаат углед и доверба во професиите и во местата на живеење.
Постапката за избор ќе почне во базата – месните одбори и општинските организации кои ќе предлагаат кандидати, а ќе има можности за самокандидирање. Половина од кандидатите на пратеничките листи за изборите на 12 април ќе бидат жени.
Новост во постапката е формирање работна група која ќе треба да креира ранг листа на кандидатите за пратеници, а која во својот состав задолжително ќе вклучува надворешни експерти од различни области и ќе одлучува врз основа на строго утврдени критериуми.
Конечните листи, согласно Статутот на партијата ќе бидат потврдени на Конгресот на СДСМ. На овој начин, според Заев, ќе бидат избрани најодговорните кандидати.
– СДСМ покажа дека презема храбри и одлучни мерки кога е во прашање демократијата, слободата и враќањето на државата во рацете на граѓаните. Создадовме концепт на отворена Влада, овозможивме амбиент на слободни медиуми со гарантирана слобода на говор што е препознаена од сите меѓународни фактори – истакна лидерот на СДСМ.
Тој посочи дека успеале да создадат концепт на едно општество за мирно, успешно и заедничко живеење на различни заедници и индивидуи, додавајќи дека се направени чекори и за целосна независност на Парламентот.
– Собранието се трансформира од место каде што во 2017 се кршеа глави, во место каде што се носат закони во интерес на граѓаните и дом на демократијата и на граѓаните – потенцираше Заев.
Лидерот на СДСМ изрази благодарност до пратениците на СДСМ и коалицијата кои, како што рече, донесоа историски одлуки и ја насочија државата таму каде што припаѓа, кон Европската Унија и НАТО. Упати благодарност и до други пратеници надвор од пратеничката група на СДСМ и коалицијата кои, како што рече, покажаа дека интересот на народот и на државата е повреден од интересот на партијата.
Запрашан дали очекува да биде постигнат договор за законот за јавно обвинителство и дали ќе бидат обезбедени 80 пратеници за да се донесе, Заев посочи дека очекува по експертската јавна расправа сите да дадат свои предлози и да биде формирана конечната верзија на законот што Владата ќе го предложи во Собранието со европско знаменце.
– Законот мора да биде донесен, ако не сега по изборите – нагласи лидерот на СДСМ.