Нова пешачка зона кај улицата „Скупи“

857

Почна изведбата на нова пешачка зона – тротоар долж улицата „Скупи“. Градежните активности се одвиваат од бензинската станица „Мак оил“ па се до крстосницата со улица „10“ која води кон Бардовци, информира Општина Карпош.

Тротоарот е со должина од 500 метри, а ширината на истиот е 2 метри. Во текот на изградбата се предвидува и поставување на рабници и асфалт. Станува збор за потег кој долги години беше запуштен и немаше дел за пешаците.

Денеска, на теренски увид беа градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Неодамна, токму на овој потег се изведе и нова фекална канализација. Целта е инфраструктурно да ги развиваме периферните делови на Карпош, кои изминативе години беа целосно заборавени. Општина Карпош продолжува и оваа година со реконструкции на улици. За оваа намена се одвоени 10 милиони денари од Буџетот, но значајна е поддршката која ја добиваме од Градот и јавните претпријатија за сообраќајниците кои се во нивна надлежност, рече Богоев.

Портпаролот Салиху истакна дека градежните активности ќе се одвиваат околу еден месец, а изведувач е ЈП „Улици и патишта“. Тој напоменадека до сега не бил предвиден тротоар на овој потег, а станува збор за една од пофреквентните сообраќајници во главниот град, со што значително ќе се придонесе во зголемување на безбедноста во сообраќајот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...