Министерката за труд и социјална политика Рахела Мизрахи вели дека дополнителната заменик министерка Санела Шкрјиељ ја опструира работата на Министерството и со заплашување и притисоци се обидува да ги спречи вработените во своите задачи.
Од нив, министерката Мизрахи побара да не се плашат и да работат согласно законот во интерес на граѓаните. Во Министерството, според неа, има процеси кои не се поврзани со изборите и за кои не е потребен врзан потпис со дополнителната заменик министерка. За тоа, појасни Мизрахи, говори и одлуката на ДИК донесена на барање Министерството.
– Долнителната заменик министерка Санела Шкрјиељ изминатиот период со сеење страв заплашување и уцени пробува да го попречи извршувањето на работните задачи на вработените во МТСП. Тие се во постојан стрес и страв поради заплашувањата кои секојдневно ги добиваат од дополнителната заменичка. Поради тоа тие се плашат да соработуваат и да ги извршуваат своите редовни задачи. Непознавањето и непочитувањето на законот за Влада дополнителната заменик министерка го потврдува преку мејл комуникација и преку незаконски и беспредметни допоиси до вработените во Министерството – рече на денешната прес-конференција министерката Мизрахи.
Таа додаде дека Шкрјиељ злоупотребувајќи ја својата позиција и, како што рече, со доза на закана, врши притисок врз вработените да постапуваат спротивно на законот за што има и соодветни докази.
Мизрахи додаде дека поради горенаведените причини, а со цел да се обезбеди нормално и непречено функционирање на редовните работни процеси, согласно член 48 од Законот за влада на 27 овој месец до ДИК пратиле барање да донесат одлука за конктретни предмети и тоа: Решение за формирање комисија за вршење на непосреден увид во исполнетоста на условите за отпочнување со работа и вршење на дејноста во приватна установа за деца – детска градинка, Решение за распоредување и Решение за плати.
– ДИК донесе одлука со која утврди дека донесените решенија не претставуваат акти или документи кои се однесуваат на правни, финансиски и кадрови прашања поврзани со организацијата на изборите од чл. 46 став 3 од Законот за Влада на Република Македонија. Овие решенија на ДИК само укажуваат дека ние не треба да имаме врзани потписи по сите основи, дека има тековни процеси кои нормално функционираат и со еден потпис, и оти сето друго е само правење пристисок во насока на дисфункција на Министерството – рече министерката Мизрахи.
Со ова, според неа, се потврдува дека дополнителната заменик министерка незаконски постапила и го спречувала нормалното функционирање на министерството за труд и социјална политика.